• петок, 05 декември 2025

Дојран промовираше ново видео „Дојран... тишина што гласно зборува“

Дојран промовираше ново видео „Дојран... тишина што гласно зборува“

Дојран, 1 јули 2025 (МИА) - Општина Дојран промовираше ново видео „Дојран... тишина што гласно зборува“, кое ве пренесува директно таму, во Дојран, со сите сетила. Тоа не е класичен туристички водич туку интимна аудиовизуелна приказна, која го прикажува Дојран со емоција, од агол кој ретко го гледаме – човечки, мирен, длабок, соопштија од Агенцијата „Ефектива“ која го изработи видеото во соработка со Општина Дојран и Јавното претпријатие „Тауријан“. Режијата е на Радован Петровиќ, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, додека за камерата бил задолжен Виктор Јончевски.  

 Видеото ја спојува поезијата на нарацијата со моќта на сликата-изгрејсонца над езерото, мирис на риба на трска, дојрански трпези, природни текстури и автентични моменти од вредностите што често забораваме да ги забележиме.

-Во животот посетуваме многу места. Големи, мали, урбани џунгли или вкотвени покрај некоја природна убавина. Некои нѝ се допаѓаат повеќе, некои помалку, но само мал дел ги носиме со себе засекогаш. Тоа се оние места кои имаат душа, распространета на секој агол, во секоја уличка, па дури и во нивните жители. Тоа се места кои мора да се доживеат, за нив никој не може да ви раскаже. Таков е Дојран - град со душа, со тишина што гласно зборува, со бесценет раат и со луѓе кои топлината ја пренесуваат преку поглед, чинија храна и искрен збор, се наведува во соопштението.

Се додава дека нарацијата води како низ поема: „Во себе крие вековна мудрост, сочувана во шепотот на брановите…“ се слуша додека камерата патува низ езерската површина, старите чамци, зеленилото, небото на Дојран.

Во последните неколку години, Дојран постепено и тивко се менува, и тоа во насока што го збогатува неговиот културен и туристички идентитет. 

-Историските обележја како Саат кулата и Турската бања, кои со децении беа заборавени, денес се повторно достапни и раскажуваат приказни од едно друго време. Со обновени пристапи и автентична архитектура, тие се жив доказ дека културното наследство може да добие нов живот. Во срцето на градот, над 25.000 метри квадратни зелени површини добија нов лик – места каде што семејства, деца и патници можат да одморат, да читаат книга, или едноставно да го впиваат мирот од езерото. Ако сте со авантуристички и спортски дух, ќе уживате во возењето велосипед по патеката низ Стар Дојран или во утринско трчање покрај езеро, стои во соопштението.

Се додава дека Дојран е домаќин и на еден од најпрепознатливите летни музички фестивали. Д-Фест Дојран ќе се одржи и годинава, во периодот од 25 – 27 јули, нудејќи забава и автентично фестивалско доживување во ритамот на езерските бранови. рт/

 

Фото: „Ефектива“

Остани поврзан