• вторник, 05 ноември 2024

Досега во Косово попишани околу 900 илјади лица, Србите од северот масовно одбиваат

Досега во Косово попишани околу 900 илјади лица, Србите од северот масовно одбиваат

Приштина, 29 април 2024 (МИА) – Агенцијата за статистики на Косово (АСК) соопшти дека досегашната четиринеделна работа на терен за Пописот на населението, семејните економии и домувањето во Косово се одвива според планот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на АСК, Авни Кастрати на денешната прес-конференција кажа дека досега бројот на попишани е околу 900 илјади лица, поради што е оптимист дека процесот ќе заврши навреме.

„На терен сме веќе 24 дена, се надеваме дека ќе бидеме на време до 17 мај. Пописот се одвива според планираното, целата опрема работи, системот и попишувачите се активни, особено оваа недела има поголем попис од што очекувавме. Попишувачите се прилагодија на нивните области и граѓаните прифаќаат. Досега немавме отфрлања, освен некои семејни или поединечни, каде што ќе одиме неколку пати“, рече Кастрати, нагласувајќи дека пописот е обврска и е регулиран со закон.

Шефот на АСК рече дека се оценува оти Косово ги почитува меѓународните стандарди за попис и актуелниот процес се одвива во рамките на меѓународните препораки.

Тој ги повика сите граѓани да го пријават своето живеалиште и побара од нив да бидат активни во процесот на попис.

Што се однесува до српските граѓани во четирите општини на северот од Косово, Кастрати рече дека постои масовен отпор кон пописот, притоа додавајќи дека другите заедници од таа област се попишуваат, како и припадниците на српската заедница во општините на југот на државата.

„Српската заедница на север сè уште масовно одбива. Разговаравме со повеќе меѓународни институции и ќе им биде пренесено, треба да знаат дека е добро за нив да се знае нивната бројка“, нагласи Кастрати.

Пописот на населението ќе трае до 17 мај годинава додека, според АСК, прелиминарните податоци ќе можат да се објават порано од предвиденото, во јуни годинава.иа/сд/

Остани поврзан