• сабота, 23 ноември 2024

Донација на опрема за хируршки интервенции на канцер на грло на матка за битолската болница

Донација на опрема за хируршки интервенции на канцер на грло на матка за битолската болница

Скопје, 2 октомври 2023 ( МИА) - Ротари клуб Битола, во соработка со Ротари клубот Дјуршхолм од Стокхолм, Шведска, во Клиничката болница Битола на Клиниката за гинекологија и акушерство денеска ќе донира опрема за хируршко отстранување на пред-канцерозни промени на грлото на матката и микро-инвазивен канцер на грлото на матката.

Како што наведуваат од Ротари клубот, донацијата е дел од Проектот за здравјето на жената во Македонија.

Донацијата се состои од јамки за LLETZ конизација т.е минимално инвазивна интервенција за отстранување на пред-канцерозни промени на грлото на матката, електроди за коагулација, биполарни ножички и биполарен инструмент таканаречен ligasure за хируршки интервенции, абдоминални операции, како инструмент и апликатор за аргон плазма коагулација. Со јамки или ези за LLETZ конизација, промените на грлото на матката се отстрануваат за неколку минути и пациентката може да си оди дома после 30 до 45 минути од интервенцијата. Ризикот од крварење во тек и после интервенцијата е минимален, како и ризикот за инфекции кај пациентката, за разлика од класичниот и застарен метод на хируршко отстранување.

Со ова, како што се наведува, Клиничка болница Битола ќе ги следи современите здравствени трендови за отстранување на пред-канцерозни промени и микро-инвазивни карциноми на грлото на матката, но и на други гинеколошки карциноми. љм/ев/

Фото: МИА архива

 

 

 

Остани поврзан