• недела, 22 декември 2024

Доделени јубилејни признанија за крводарителите од Крива Паланка и Ранковце

Доделени јубилејни признанија за крводарителите од Крива Паланка и Ранковце
Крива Паланка, 19 март 2023 (МИА) - На свеченост по повод Денот на крводарителството, во организација на Црвен крст на Северна Македонија - Општинска организација Крива Паланка и Општина Крива Паланка, во големата сала на локалната самоуправа беа доделени јубилејни значки, признанија и награди за крводарителите од општините Крива Паланка и Ранковце.
 
- Настанот е повод да се осврнеме на успешната работа во областа на крводарителството што нашата организација ја бележи низа години по ред, благодарение токму на нашите хумани, беспоштедни граѓани - дарители на скапоцената течност. Доказ за успешноста во реализација на годишниот план за крводарувања за 2022 година е петтото место на национално ниво и доделената плакета од републичкиот Црвен крст на вчерашната централна манифестација во Скопје. Таа плакета им припаѓа на сите хумани луѓе, крводарители што се дел од сите организирани акции досега, рече секретарот на Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, Дарко Пешовски.
 
 
Награди, значки, плакети и признанија за остварени 5,10,25,75 и 100 крводарувања беа доделени на вкупно стотина хумани граѓани од двете општини, а за 100 дарувања награда и од Општина Крива Паланка му беше врачена на Свете Милановски, професор во средното општинско училиште Ѓорче Петров, Крива Паланка, кој истакна дека првото дарување го остварил токму во периодот на средношколските денови.
 
- Честитки до сите хумани крводарители од нашата општина кои се заслужни што општинската организација на Црвен крст Крива Паланка повторно не направи горди, вбројувајќи се во петте најуспешни во областа на крводарителството на национално ниво. Особено сум горд на сите нивни достигнувања. Честитајќи го 17 март - Денот на крводарителството, искажав посебна почит кон професор Свете Милановски со остварени јубилејни 100 дарувања, за што од име на Општина Крива Паланка како поддржувач на настанот му врачив и посебна награда. На сите крводарители со остварени јубилејни дарувања им честитав што со нивниот пример се инспирација за помладите да се приклучат кон најголемото хумано семејство во светот. Хуманоста и солидарноста се ветување за подобра иднина, зашто човештвото се заснова на сите овие вредности на човечност, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
 
Посочи дека продолжува на соработката што ја имаат како локална самоуправа на високо, партнерско, ниво со Општинската Организација на Црвениот Крст Крива Паланка. ид/ев/

Остани поврзан