• петок, 22 ноември 2024

ДКСК повторно ќе постапува по приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

ДКСК повторно ќе постапува по приговорот на Силјановска-Давкова за кршење на изборните правила

Скопје, 19 април 2024 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на седница повторно ќе постапува по приговорот од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова во врска со полагањата во Академијата зa судии и јавни обвинители (АСЈО) „Павел Шатев” за време на предизборниот процес.

Приговорот од Силјановска - Давкова најпрво беше поддржан од ДКСК со образложение дека се основани изнесените сомневања за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, по што Академијата поднесе тужба која на 13 април беше разгледана и уважена од Управниот суд. По уважувањето на тужбата на АСЈО од страна на Управниот суд, приговорот е вратен во ДКСК на повторно постапување.

Според приговорот на Силјановска - Давкова доставен на 6 април до ДКСК, АСЈО спротивно на Изборниот законик заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. Во образложението на приговорот пишува дека Академијата во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест.

- Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска - Давкова.

Директорката на Академијата, Наташа Габер - Дамјановска на седницата на ДКСК на 10 април рече дека процесот на тестирање на слушателите за идни судии и јавни обвинители почнал во јануари 2023 година и се уште трае.

-Воопшто датумски не се совпаѓа целиот наш процес на тестирање со рокот што е определен во законот. Нашиот процес почна во јануари 2023 година и сѐ уште трае, подвлече Габер - Дамјановска, додавајќи дека не се знае точно кога тој процес ќе заврши и оти не се работи за класично вработување. мч/дма/

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан