• понеделник, 23 декември 2024

ДКСК го затвори предметот за реконструкцијата на СЦ „Борис Трајковски“’, но бара нов закон за финансирање политички партии

ДКСК го затвори предметот за реконструкцијата на СЦ „Борис Трајковски“’, но бара нов закон за финансирање политички партии

Скопје, 26 јануари 2024 (МИА) - Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе достави укажување до Министерството за финансии за потребата од донесување нов закон за финансирање на политички партии, поради утврдени наоди во тек на предметот за спроведената јавна набавка од Министерството за надворешни работи поврзана со реконструкција на СЦ „Борис Трајковски“ за потребите за одржување на Самитот на ОБСЕ во ноември лани. 

ДКСК денеска на седница го затвори предметот, а покрај нов закон за финансирање политички партии ќе побара постапувања и од Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција. Антикорупциската комисија ги анализираше наводите во јавноста поврзани со постоење клиентелистички односи помеѓу политички претставници или службени лица во одделни институции со фирмата „Еуровиа“ декларирана како донатор на политичката партија ДУИ. Од таа причина, како што рекоа, постоеја сомнежи дека во текот на постапката во МНР направени се злоупотреби од страна на службени лица со цел оваа фирма да го добие тендерот.

Според анализата на ДКСК, тендерската документација, условите кој се може да учествува како понудувач, не упатува дека постои тенденција за фаворизирање одредена фирма или дека условите се креирани за одреден економски оператор. За ова, како што рекоа, говори и фактот што четири економски оператoри доставиле понуда, но и откако Државната комисија за жалби по јавни набавки одлучувала, ги оцениле доставените понуди и како најповолна останала понудата на „Еуровиа“.

Како што беше речено на седницата, се потврдиле наводите дека дел од средствата што ги добива „Еуровиа“ и од кај други државни органи се префрлени на ДУИ.

- Во случајов станува збор за правно лице кое е донатор на партијата. Законот за финансирање на политичките партии го уредува начинот, односно висината на донациите. Факт е дека во претходната постапка утврдивме повисок износ на донации, но Законот за финансирање политички партии предвидува дека фирма која има склучено договор со државни органи не може да биде донатор на политичка партија. Во случајов, тоа е занемарено уште повеќе со фактот што постои капитална поврзаност меѓу фирмите што го добиваат договорот за реконструкција на салата со фирмата која упатува донации во корист на ДУИ, наведоа од ДКСК.

Овие соменевања, како што рекоа, ги потврдиле преку изводите на капитално поврзаните фирми кои ги обезбедиле од деловните банки каде имаат отворено трансакциски сметки и се гледа како  средствата што се добиени од „Еуровиа“ преку разни трансфери од една на друга сметка завршуават на сметка на ДУИ.

До УЈП ќе биде доставено барање за даночно постапување и проверка на даночните биланси на  „Еуровиа“ и „Еуровиа холдинг“, нивните консолидирани годишни сметки поради трансфер на средства како позајмици од една на друга сметка и нивна уплата како донација на ДУИ, а со цел утврдување дали постои даночна евазија и дали тоа е согласно Законот за добивка и Законот за ДДВ. До Управата за финансиска полиција, пак, ќе се достави известување со барање за надлежно постапување и испитување на текот на парите не само во овој туку и во други случаи.

До Министерството за финансии ќе биде испратено укажување за потребата од донесување нов закон за финансирање на политички партии, како што беше речено на седницата, е наметнато од бројните проблеми, недоречености и слабости, како во Изборниот законик, така и во актуелниот Закон, а за чие усогалсување и изменување укажува и ОБСЕ/ОДИХР.

ДКСК одлучи и да достави укажување до МНР заедно со одговорните лица во писмена форма да извршат валоризација на извршената реконструкција и вградената опрема во СЦ „Борис Трајковски“, со цел сметководствено да се евидентира како зголемување на вредноста на објектот. лв/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан