• вторник, 19 ноември 2024

Димитров: Очекуваме засилен ангажман на португалското претседателство за одблокирање на евроинтеграцијата

Димитров: Очекуваме засилен ангажман на португалското претседателство за одблокирање на евроинтеграцијата
Скопје, 17 мај 2021 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изјави дека очекува засилен ангажман на португалското претседателство за спроведување на одлуката на Советот од март минатата година за отворање на  преговорите за пристапување на земјата во ЕУ. -Имаме сигнали дека ќе има позасилен ангажман на португалското претседатлество. Бидејќи дипломатијата зад затворени врати, на некој начин, дава поголеми шанси, не знам колку е мудро од моја страна повеќе да кажам, меѓутоа, чесно е да најавиме дека очекуваме засилен ангажман од португалското претседателство кое што мислам дека има добра волја. Далеку се географски, нивната позиција на чесен посредувач е јасна - сакаат успех и сакаат да го завршат тоа што го почна германското претседателство и да ја спроведат одлуката на Советот од март, минатата година, вели Димитров во интервју за емисијата „360 степени“ за Алсат ТВ. Тој посочува и дека има извесни и директни контакти на различни нивоа, директно македонско-бугарски контакти, за кои, вели, има изгледи тие да се засилат во претстојниот период. Запрашан зошто смета дека актуелната бугарска техничка Влада би била соодветен партнер за постигнување евентуален договор, односно компромис што би отворило пат за усвојување на преговарачката рамка и одржувања на првата меѓувладина конференција, вицепремиерот Димитров вели немаме луксуз да не се обидеме. -Јасно е дека ситуацијата не е идеална и овој политички контекст има предизвик.Меѓутоа, исто така, е јасно дека ако обидите ги синхронизираме со изборите - кај нас има локални, Бугарија по овие втори параламентарни ќе има претседателски избори, Германија има парламентарни, Франција има претседателски избори пролетта идната година, тогаш многу тешко ќе биде да најдеме период каде нема да има избори за да се обидеме. Мислам дека толку е голем влогот и толку време поминува што немаме луксуз да не се обидуваме. Оваа проценка не е само наша, ова е проценка на многу земји членки, на институциите во Брисел и мислам дека во следниве денови и недели ќе видиме засилен ангажман во оваа смисла да видиме што е можно за да успееме да го вратиме односот во шините на блискост и пријателство со соседите и ЕУ да испорача кон Балканот, да се обидеме да ја свртиме динамиката кон подобро, која што ја губиме. Бледнее за жал европската идеја на Балканот, вели Димитров. Наша обврска е, вели тој, да направиме се што можеме да обезбедиме пробив сега. -Мислам дека е вистина крајно време Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, дециден е Димитров. вг/лв/

Остани поврзан