ДЗР: ЈП Колекторски систем-Скопје работи повеќе од 35 години, без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води
- Јавното претпријатие Колекторски систем-Скопје во 2024 година фактурирало само 33 отсто од испуштената пречистена вода, а со акумулирани обврски од 493.108 илјади денари односно повеќе од 8 милиони евра и блокирана сметка од неговото основање, претпријатието се соочува со сериозни финансиски предизвици, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето.
Скопје, 10 март 2026 (МИА) - Неправилности и неусогласености во работењето на Јавното претпријатие Колекторски систем - Скопје констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за 2024 година, во која изразува неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
Во ревизијата се истакнува дека ЈП Колекторски систем-Скопје работи повеќе од 35 години, без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води и дека од основањето до денот на ревизијата, претпријатието нема добиено дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води, која ја издава МЖСПП. Ревизијата укажува на неминовна потреба од изготвување план за финансиска стабилност кој ќе вклучи реална проценка на ликвидносните ризици, временска рамка за деблокирање на сметката и отплата на обврските, мерки за намалување на зависноста од краткорочни задолжувања, приоритетна наплата на побарувањата и оптимизација на трошоците, со цел обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост на работењето на претпријатието.
-Јавното претпријатие нема целосен увид во побарувањата од поврзани друштва и на 31.12.2024 година, нема извршено проценка на нивната наплатливост и вредносно усогласување. Во трговските книги и финансиските извештаи со 31 декември 2024 година, евидентирани се побарувања од поврзаните друштва ЈП „Водовод“ Охрид и ЈП „Водовод и канализација“ Струга во вкупен износ од 364.491 илјади денари, односно 5.926.683 евра, кои се преземени по основ на статусната промена и се однесуваат на корисници приклучени на колекторскиот систем заклучно со 30.06.2019 година, се вели во извештајот од ревизијата.
Се нагласува дека имајќи во предвид дека поврзаните претпријатија располагаат со базите на приклучоци и до 2020 година ги изготвувале и сметките на корисниците, но немаат економски интерес да преземаат мерки за навремено утужување на ненаплатените побарувања, бидејќи ваквите побарувања преставуваат обврски кон ЈП Колекторски систем-Скопје, во пракса иницираат нивен отпис. Поради недостиг на аналитичка поддршка и ограничено влијание врз процесот на наплата, не е извршена проценка на наплатливоста, што резултира со необјективно прикажување на финансиската состојба на претпријатието за 2024 година.
-Инфраструктурните објекти (цевковод, пумпни станици и пречистителна станица), изградени пред повеќе од 35 години во вкупен износ од 129.948 илјади денари (2.112.976 евра), се уште не се запишани во катастарот на инфраструктурни објекти, кој е составен дел од Катастарот на недвижности. Освен за земјиште од 812 м² (пумпна станица Подмоље), ЈП Колекторски системСкопје, не поседува имотни листови за инфраструктурни објекти – цевковод во должина од 40,9 км, пумпни станици, пречистителна станица, како и за земјиштето под нив, констатираат ревизиорите во извештајот.
Нагласуваат дека во Централниот регистар се уште е незапишан делот од преземената основна главнина во износ од 251.452 илјади денари (4.088.650 евра) согласно статусна промена-присоединување на РЕ Колектор Струга како дел од Меѓуопштинското јавно претпријатие „ Проаква“ од јуни 2019 година.
-Во 2024 година исплатени се паушални адвокатски услуги во износ од 519 илјади денари (8.439 евра) без соодветна документација, по договор од 2020 година, со неповолни договорни обврски и значителни финансиски последици. Договорот е склучен за период од 10 години, а во случај на еднострано раскинување на договорот, претпријатието е должно да почитува отказен рок од 90 дена и да изврши исплата на еднократен надомест во износ од 1.440 илјади денари, зголемен за ДДВ, како и редовно да го исплаќа месечниот паушал и трошоци за време на отказниот период, се вели во ревизијата.
Се нагласува дека колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на количината на влезна отпадна вода, недостасува СКАДА- систем за целосна контрола и мониторинг, а претпријатието не располага ниту со агрегати за резервно напојување со електрична енергија.

-Претпријатието нема сопствен информационен систем за евиденција на корисниците на колекторската мрежа, па за таа цел ги користи системите на ЈП „Водовод“ Охрид, ЈП „Водовод и канализација“ Струга и ЈКП „Дебарца“. Само околу една третина (33 отсто) од испуштената пречистена вода е фактурирана (во 2024 година фактурираната вода изнесува 3.736.453 m³, додека испуштената пречистена вода е 11.300.390 m³), што укажува на сериозни технички и физички недостатоци во мрежата на зголеменото ниво на отпадните води. Податоците укажуваат дека кога подземните и атмосферските води се присутни, односот меѓу фактурирана и испуштена вода е повисок, а кога подземните води се намалени и атмосферските се исклучени, односот се намалува, утврдиле ревизорите во извршената ревизија.
Според ДЗР, Јавното претпријатие, основачот и општините во регионот преку акционите планови и инвестициски програми не придонеле доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро.
-Финансиските показатели за 2024 година, во однос на вкупните обврски од 493.108 илјади денари (8.018.016 евра), укажуваат на зголемен ризик од намалена ликвидност на претпријатието, односно периодот на плаќање на обврските спрема добавувачите е 1.139 дена или повеќе од 3 години, а просечен период на наплата на побарувања е 333 дена или приближно една година. Ликвидносната состојба дополнително е влошена поради обврски кон физичките лица на чие земјиште, доделено по пат на експропријација, се изградени или поставени инфраструктурни објекти и за користењето на тоа земјиште, јавното претпријатие исплаќа соодветна закупнина, како и блокираната сметка на претпријатието од 2020 година, веднаш по неговото основање. Претпријатието работи со минимум средства од 10.800 илјади денари за секој месец, согласно Решение на Основен суд Охрид, се истакнува во резвизијата.
За надминување на утврдените состојби ДЗР дава препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица. вј/дма/
Фото: Принтскрин