• вторник, 03 декември 2024

Де Кро: Мора да ја заштитиме нашата демократија од обиди за странско влијание 

Де Кро: Мора да ја заштитиме нашата демократија од обиди за странско влијание 

Брисел, 17 април 2024 (МИА) - Постојат сериозни обвинувања дека Русија имала активна улога во обидите да влијае врз нашата демократија, изјави вечерва белгискиот премиер и актуелен претседавач со Советот на ЕУ, Александер Де Кро при пристигнувањето на дводневниот Специјален самит на Унијата во Брисел. 

- Мораме да бидеме многу јасни за тоа, дека обидите како овој се неприфатливи и мораме да направиме се за да ја одбраниме нашата демократија, истакна Де Кро. 

Тој потенцира дека ова е последен Самит на ЕУ пред европските избори, па затоа Белгија како претседавач со Унијата до сите лидери доставила разузнавачки информации за таквите обиди и ќе иницира поголеми надлежности на Европското јавното обвинителство со цел проверка на овие сознанија и справување со ваквите кампањи. 

Покрај, за обидите за руско влијание на изборниот процес во ЕУ, според Де Кро, на Самитот ќе стане збор и на најновиот развој на настаните на Блискиот Исток, по иранските напади со дронови и проектили врз Израел изминатиов викенд. 

- Јасно ги осудуваме овие напади. Тие се неприфатливи. Исто така, ќе расправаме и за санкциите и мој став е дека Иранската револуционерна гарда треба да биде додадена на листата на санкционирани. Ќе видиме каков ќе биде ставот на другите лидери, рече Де Кро. 

Според него, воведувањето санкции кон Иранската револуционерна гарда би испратило „многу важен сигнал“. 

- Бараме воздржаност во реакциите и ќе го повториме тоа што го велиме уште од почетокот на конфликтот - дека треба да се ослободат заложниците, веднаш да се прогласи прекин на огнот и да се овозможи достава на хуманитарна помош кој е очајно потребна во Газа. Има многу цивилни жртви и насилството мора да запре, додаде Де Кро. 

Тој потенцира дека исто така ќе продолжи и поддршката на ЕУ за Украина, но дека мора да се разговара за тоа како таа да се зголеми и да се забрза испораката за помошта за земјата. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан