• понеделник, 23 декември 2024

Десет години од убиството на грчкиот музичар Фисас од член на Златна зора

Десет години од убиството на грчкиот музичар Фисас од член на Златна зора

Атина, 18 септември 2023 (МИА) – Грција денеска ја одбележува 10-годишнината од убиството на тогаш 34-годишниот музичар Павлос Фисас од членот на Златна зора Јоргос Рупакјас, со што се откри и вистинското лице на неонацистичката партија, започна истрагата, следеа апсењата, а челниците и голем број членови веќе се во затвор, јави дописничката на МИА од Атина.

Левичарски ориентираниот рапер беше прободен со нож и им подлегна на повредите на 18 септември 2013 година во атинска населба, а истрагата покажа дека зад убиството стои Рупакјас, член на Златна зора, кој подоцна беше осуден на  доживотна затворска казна.

По убиството, полицијата ги извади сите стари предмети кои се однесуваат на расистички напади, ги провери телефонските разговорите на убиецот Рупакјас и откри поврзаност со членови, но и пратеници на неонацистичката партија. 

Златна зора од политичка партија стана криминална организација. Десет дена по убиството на Фисас, следеа апсење на пратеници, одредување мерка притвор и собирање докази за активностите на Златна зора. 

Обемниот судски предмет откри дека Златна зора од 1987 функционирала како воена структура, хиерархиски подредена според неонацистичките модели, а апсолутен лидер е претседателот Никос Михалолиакос, додека пак 19 месеци по убиството на Фисас, на 20 април 2015 година започна судскиот процес против партијата. 

Судењето траеше пет и пол години, а на почетокот на октомври 2020 година, судот пресуди дека Златна зора е криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, кои веќе ги издржуваат. 

Во обемниот судски процес, осудени беа 50 лица. 

Лидерот на Златна зора Михалоликас и пет поранешни пратеници од партијата, добија 13 години затворска казна за формирање криминална организација, останатите пратеници добија од пет до седум години, а убиецот на музичарот Павлос Фисас, доби доживотна затворска казна.

Осудените поднесоа жалба против пресудата донесена во прв степен и 20 месеци по завршувањето, во јуни минатата година, судењето почна одново и е во тек.

Мајката на музичарот Фисас е присутна во судот на голем број од рочишта .

Традиционално секоја година на 18 септември во населбата Керацини каде што беше убиен Фисас се одржуваат антифашистички протести во сеќавање на музичарот.ср/сд/

Остани поврзан