• сабота, 06 декември 2025

Ден на „Кроација рекордс“ во Скопје

Ден на „Кроација рекордс“ во Скопје

Скопје, 14 мај 2025 (МИА) - Во рамките на актуелниот Скопски градски фестивал, којшто во Скопје се одржува од 13. до 19 мај, во четврток - 15 мај, со почеток во 20 часот, на програмата е концертот на изведувачите кои објавуваат за дискографската куќа „Кроација рекордс“ (Croatia Records).

„Имено, утре, во малата сала на Филхармонија, настапуваат тројца македонски изведувачи што творат под етикетата на 'Кроација рекордс' - иновативната група 'КОД 369' (CODE 369), виртуозниот гитарист Мухамед Ибрахими и Иван Кукиќ со својот бенд 'Источен фронт'. Инаку, 'КОД 369' веќе имаат една објава за 'Кроација рекордс', а наскоро излегува и нивниот втор албум. Кукиќ неодамна го промовираше својот прв солопроект, додека новиот материјал на Ибрахими се подготвува да биде објавен“, соопшти продукциската куќа.

Претстојното, шесто издание на Скопскиот градски фестивал продолжува со градењето културна сцена со јасна уметничка визија и интегритет, преку програма што обединува музика, книжевност и визуелна уметност, а со домашни автори, како и изведувачи и уметници од Словенија, Грција и други делови на Европа.

„Програмата не е составувана според трендови, туку според вредности. Секој артист е избран врз основа на квалитет, оригиналност и контекстуална важност, со цел да создадеме фестивал што придонесува за културниот идентитет на градот, а не само за неговиот календар на настани“, се вели во соопштението на „Баги комуникации“ - организатор на фестивалската програма.

Влезници за концертот на 15 мај се достапни преку интернет-платформата „Мк тикетс“.си/

Фото: „Кроација рекордс“

Остани поврзан