• петок, 05 декември 2025

Дендиас-Палмас: Сè додека Турција продолжува со нелегални дејствија и агресивен став кон земја-членка на ЕУ, не може да се разговара за учество во САФЕ

Дендиас-Палмас: Сè додека Турција продолжува со нелегални дејствија и агресивен став кон земја-членка на ЕУ, не може да се разговара за учество во САФЕ

Атина, 10 ноември 2025 (МИА) – Ставот дека каква било дискусија за учеството на Турција во европската одбранбена програма САФЕ не може да оди напред сè додека продолжува со нелегалните дејствија и агресивниот став кон земја-членка на ЕУ, го повториле министрите за одбрана на Грција и Кипар Никос Дендиас и Василис Палмас на нивната денешна средба во Никозија, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од Министерството за одбрана на Грција, Дендиас на Кипар, освен што се сретна со неговиот кипарски колега, беше примен и од претседателот Никос Христодулидис, а посетата е „во рамките на континуираната тесна координација меѓу двете држави во одбраната и безбедноста“.

Министрите за одбрана размениле мислења за прашања поврзани со билатералната одбранбена соработка, како и за трилатералната и мултилатералната соработка во која учествуваат двете земји, а во пресрет на кипарското претседателство со ЕУ од страна биле разгледани начините на кои Грција и Кипар можат да придонесат за постигнување стабилност и безбедност во поширокиот регион.

Во однос на програмата САФЕ, Дендиас посочи дека станува збор за исклучително сложена регулатива, „напишана на чуден бирократски јазик од Брисел, токму за секој да може да го толкува како што сака“, но посочи дека сепак, постојат вредносни принципи, но и јасни заложби од ЕК за начинот на кој договорите меѓу ЕУ и трети земји ќе се внесуваат на разгледување.

- Самата Европска комисија, со директна изјава, се обврза дека овие предлози ќе бидат ставани на гласање со едногласност, со заедничка перцепција на сите земји-членки. Ова е само по себе разбирливо. Зошто? Бидејќи ако некој ја загрозува самата ЕУ, тогаш очигледно е дека не може да учествува во механизмот што има цел да се справи токму со таквата агресија. Затоа, во таа смисла, очекуваме сите европски земји, повторувам, сите европски земји, да застанат зад оваа очигледна перцепција на заштита на европскиот простор, и тоа не само географскиот, туку и просторот на европските вредности, европската демократија и европскиот пристап кон заштитата на човековите права, објасни Дендиас.

На средбата со кипарскиот претседател разговарале за зајакнувањето на одбранбената соработка меѓу Кипар и Грција и капацитетите на одбранбените индустрии на двете земји. ср/ссм/

Фото: Министерство за одбрана на Кипар

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан