• недела, 26 јули 2026

Демонстранти во Женева се судрија со полицијата пред самитот на Г7 во соседна Франција

Демонстранти во Женева се судрија со полицијата пред самитот на Г7 во соседна Франција

Женева, 14 јуни 2026 (МИА) – Демонстранти во Женева денеска се судрија со полицијата, запалија автомобил и искршија прозорци на банка, за да го искажат своето незадоволство од Г7 во предвечерието на самитот на групата во соседна Франција, на кој ќе присуствуваат претседателот на САД, Доналд Трамп, и други лидери.

Еколошки активисти и феминистки им се придружија на противниците на империјализмот, заштитниците на независните медиуми, поддржувачите на палестинските права и други активисти во парк покрај езерото во Женева, за да тргнат на протестен марш низ градот.

Брод со натпис „Не за Г7“ на едрото помина покрај капачи кои уживале во убавото време, јавија светските агенции.

Полицијата употреби солзавец против демонстрантите кои фрлаа со предмети кон нив. Пожарникарите пристигнаа на местото на запалениот автомобил на само неколку минути од рутата на маршот, додека полицијата за разбивање демонстрации го блокираше реонот. На друго место по рутата на маршот беа искршени прозорците на канцеларија на една банка.

Портпаролот на полицијата во Женева, Александар Браје вечерва изјави дека на демонстрантите им било наредено да се разотидат по неколку инциденти. Тој додаде дека учествувале 20.000 луѓе, вклучително и 600 припадници на таканаречениот „Црн блок“.

Демонстрантите веќе со денови се собираат во Женева, кој е најголемиот град во регионот и затоа е одреден како збирно место за активистите кои се противат на Г7.

Протестите не се ништо ново околу овие средби. Овој пат активистите сакаат да го изразат своето незадоволство од политиките на американскиот претседател Доналд Трамп на различни теми, како што се царините, војната во Иран и климата, па дури и да ги нагласат неговите врски во минатото со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. јт/

Фото: ДПА