• недела, 17 ноември 2024

Демири: Засилени инспекции во градинките на државно ниво, не само во Скопје

Демири: Засилени инспекции во градинките на државно ниво, не само во Скопје

Скопје, 11 март 2024 (МИА) - Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири денеска изјави дека засилени инспекции во градинките ќе има на државно ниво, не само во Скопје, за да се откријат нецелосно или делумно вакцинирани деца против пертусис - народски кажано голема или магарешка кашлица.

- Мислам дека веќе пред две недели го организиравме ова. Оваа е трета недела како сум министер за здравство. Имајте го тоа предвид. Откако дојдов, веднаш пристапив кон тоа. Не само на територија на Скопје, каде што е прогласена епидемија, туку на државно ниво ќе има засилени инспекциски прегледи и ќе барам по секој начин да се вакцинираат оние, кои се невакцинирани. Да и во останатите градови ќе се враќаат од градинка, децата кои не се вакцинирани. Има потпишано таква наредба, одговори тој на новинарско прашање дали се задоцнети мерките, вонредните инспекциски надзори на ДСЗИ во градинките, да не се примаат деца делмно или целосно невакцинирани.

Демири потсети оти имал и претходно јавни изјави дека од градинка треба да се вратат оние деца, кои не се вакцинирани, па апелираше да се зголеми свесноста и значењето на тоа што значи вакцинација.

Со оглед на тоа што од денеска ДСЗИ ќе издава решение за забрана на деца во градинка, тој беше прашан дали има податоци колку решенија се издадени досега, на што, Демири одговори оти нема податок.

Прашан околу младите лекари кои имаат задолжение да поминат платена пракса, Демири рече дека побарале, поради тоа што на територија на град Скопје веќе имаме прогласена епидемија, да се зголеми бројот на вакцинални пунктови за да може да ја зголемиме бројката на вакцинација.

- Побаравме од Министерство за финансии и Фонд за здравство и поминато е тоа на владина седница, чекаме дали ќе добиеме одобрување од ДКСК. Ако добиеме позитивен одговор од ДКСК, тогаш може комотно младите лекари да се ангажираат во вакциналните пунктови и да се зголеми бројката на вакцинација, подвлече Демири.

Тој истакна оти со тоа и младите лекари ќе бидат задоволни со извршувањето пракса и надлежните со зголемување на бројот на вакцинирани лица. бд/аа/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан