• понеделник, 23 декември 2024

Делчевската библиотека ќе ги ,,оживува" сведоштвата за некогашните настани во Делчево

Делчевската библиотека ќе ги ,,оживува
Делчево, 26 јануари 2022 (МИА) - Јавната локална библиотека ,,Илинден” ќе ги ,,оживува" сведоштвата за некогашните настани во Делчево. За таа цел, како што информираше директорката Биљана Петровска, библиотеката располага со пишувани белешки за животот во Царево Село во периодот од 1920 до 1940, кои еднаш неделно ќе бидат објавувани од страна на установата.
 
-Сеќавањата содржат многу убави податоци и факти за развојот на градот, за развојот на школството, здравството, културата. Има многу интересни информации за тоа, кои семејства имале воденици покрај река Габровчица, кои семејства први имале фурни за печење сина слива, која била многу барана и на пазарите надвор од Царево Село. Исто така, во нив се раскажува кој прв донел радио апарат во градот, кој прв возел трактор, како забарот ги ставал клештите со кои вадел заби во оган за дезинфекција. Има податоци и за почетоците на првата аптека и уште многу други информации кои не смееме да дозволиме да се заборават, истакна Петровска.
За таа цел, како што додаде ЈЛБ „Илинден“ веќе почна да ги обработува овие сеќавања, ќе бидат во електронска форма и секоја среда ќе се споделува по едно сеќавање на веб-страницата на библиотеката.
 

-Поради тоа апелирам до сите оние кои ја следат страницата на ЈЛБ “Илинден“, доколку сакаат да го копираат текстот или споделат ова да го прават со нагласување дека текстот е превземен од библиотеката затоа што ексклузивитетот за сите текстови го има ЈЛБ „Илинден“ - Делчево, додаде Петровска.

Од библиотеката воедно дополнија дека секој оној кој располага со стари изданија на книги значајни за културно-историскиот развој на Делчево и има желба да ги преотстапи за потребите на библиотеката, тоа може да го стори секој работен ден во просториите на установата. вс/вг/

Остани поврзан