Делегација на СПЦ преводена од патријархот Порфириј во посета на МПЦ-ОА
- Во посета на Македонската православна црква (МПЦ) – Охридска архиепископија денеска и утре ќе престојува делегација на Српската православна црква (СПЦ), предводена од неговата светост, српски
Скопје, 23 мај 2022 (МИА) - Во посета на Македонската православна црква (МПЦ) – Охридска архиепископија денеска и утре ќе престојува делегација на Српската православна црква (СПЦ), предводена од неговата светост, српскиот Патријарх г. г. Порфириј.
- Утре, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, неговата светост српскиот патријарх г. г. Порфириј и неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински цркви, ќе служат Божествена литургија, најави МПЦ-ОА упатувајќи покана до верниците да земат молитвено учество.
На заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.
Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква - Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Таа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на црквата, туку е „израз на татковската љубов и грижа на Вселенската патријаршија“ и најава дека МПЦ повеќе не е во раскол со целиот православен свет и оти македонските свештеници можат да служат со свештениците од другите православни цркви.
Синодот на СПЦ, пак, на 16 месецов соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на Македонската црква, односно целосна внатрешна независност, која ѝ беше доделена уште во 1959 година. Највисокиот црковен орган на српската црква соопшти дека во дијалогот за иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, стандарди и норми.
Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на 17 јули 1967 година, Светиот синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковнонароден собор и на свечената седница во охридската црква „Св. Климент“ ја прогласи Македонската православна црква за автокефална. лв/мд/