• недела, 22 декември 2024

Деветгодишно момче е десеттата жртва од стампедото на фестивалот „Астроворлд“ 

Деветгодишно момче е десеттата жртва од стампедото на фестивалот „Астроворлд“ 

Вашингтон, 15 ноември 2021 (МИА)  - Деветгодишно момче од синоќа е десеттата жртва од стампедото на музичкиот фестивал „Астроворлд“ во Хјустон на 5 ноември. 

Езра Блунт бил во медицински индуцирана кома како резултат на здобиените повреди откако бил прегазен на концертот на раперот Травис Скот во Хјустон, на кој присуствувале околу 50.000 луѓе, јави денеска Њујорк тајмс. 

Концертот заврши трагично по турканиците во близина на сцената.  

Властите се уште ги утврдуваат причините и одговорноста за овој трагичен настан во кој веќе десет лица ги загубија животите, а стотина беа повредени. 

Езра, фан на Травис Скот, го гледал концертот качен на рамениците на својот татко, Трестон Блунт, но момчето станало едно од тристотините лица кои се здобиле со повреди во стампедото. Некои од нив добиле и срцеви удари, десетици, од кои неколкумина на слична возраст како Езра, беа во критична состојба.  

Неговиот татко отвори страница за донации на социјалната мрежа „Гоу фанд ми“ и таму опиша што се случило на концертот. Откако се онесвестил поради недостаток на кислород, Блунт се освестил без да знае каде е неговиот син. Откако го нашол, неговиот син имал отоци на главата и „траума на речиси сите органи“, напиша тој. 

Илјадници луѓе донираат на страницата, а таткото испрати благодарноста за пожртвуваноста. 

Блунт и десетици други жртви, роднини и блиски на жртвите поднесија тужби против раперот Скот, „Лајв нејшн“ и други организатори кои го промовирале концертот.  

-Ова не требаше да биде резултатот од тоа што се очекуваше да биде весела прослава. Смртта на Езра е апсолутно срцепарателна, изјави адвокатот на семејството. кб/ сд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан