• недела, 22 декември 2024

Дебата на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе „Време за промени во пензиската политика - Нови политика до подобра иднина“

Дебата на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе „Време за промени во пензиската политика - Нови политика до подобра иднина“

Скопје, 25 октомври 2023

ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и има докажано дека најголемото усогласување на пензиите е во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелната власт сака да покаже дека усогласувањето кое го направи е највисоко во историјата, но тоа не е точно. Најголемото усогласување е во 2008 година и потоа во 2013 година,  рече Маја Кадиевска Војновиќ, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната дебата во Свети Николе насловена како  „Време за промени во пензиската политика - Нови политика до подобра иднина“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

Според неа формулата која беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ ги земаше во предвид трошоците за живот и просечната плата.

„Истата формула ја укина оваа власт за да ја врати повторно пред една година и што се случи во меѓувреме, а инфлацијата галопираше. Колку и да сакаат претставниците на власта да се фалат дека стабилизираат нешто, ништо не е точно“, кажа Кадиевска Војновиќ.

Според неа сега инфлацијата е околу 7 проценти што повторно е историски највисока инфлација.

„Повозрасните паметат дека до 1995 имавме многу високи стапки на инфлација и намалување на животен стандард повторно во време на СДСМ. Цените растат во континуитет и најголем проблем е што сегашната власт која беше креатор на инфлацијата, значи не е увезена инфлацијата, не се справија со енергетска криза, со стокови резерви. Неколку пати замрзнаа цени и немаше никаков резултат, само зборуваа дека ја решаваат кризата“, вели Кадиевска Војновиќ.

Кадиевска Војновиќ укажа дека минималната пензија во 2016 година беше околу 8 илјади денари, а минимална плата околу 10.800 денари.

„Бројот на пензионери со минимална пензија на крај на 2016 година бил само 7,8 отсто од вкупниот број на пензионери. А сега знаете ли колку пензионери се со минимална пензија, 28 проценти од вкупниот број на пензионери и тука е проблемот. Најновите податоци ќе покажат дека веројатно неспособноста на Владата да ги зголеми сукцесивно пензиите согласно со раст на трошоци за живот ќе резултира во податоците за 2021 и за 2022 година со пораст на сиромаштија на пензионерите“, изјави Кадиевска Војновиќ.

Според неа буџетот на државата е одговорност, а сега е гломазен во вредност од 4,5 милијарди евра, а само трансферите за пензии се 1,4 милијарди евра или 28 проценти од државниот буџет.

„Дали ќе има пари за пензии, ќе има, само треба да се прекинат сите јавни набавки во четири очи, договорни услуги во кои се крадат многу пари, да се намали расипничко трошење за се и сешто. Со рационално трошење ќе има пари за пензии“, заклучи Кадиевска Војновиќ.

„За жал кај нас власта оди и игра на кратко паметење дека главен виновник за тажната сага на пензионерите е СДС заедно со ДУИ, тоа мора да го потсетиме, да го кажеме, да го потенцираме и да не заборавиме дека пред 7 години кога авангардата по Скопје и овде по сите градови, рушеа, палеа и сквернавеа со една максима „Живот за сите“ дојде моментот кога нема живот не за сите, туку нема живот за никој освен за неколку фамилии“, истакна пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ на трибината.

Ласовска посочи дека пензионерите од оваа временска дистанца можат да направат разлика колку вредела пензијата во времето на ВМРО-ДПМНЕ со методолошкиот услов, а колку вреди оваа пензија денес со двоцифрената инфлација и со голготата на иселување и стареењето на државата.

„Сакам да истакнам  дека само што дојдоа на власт го тргнаа вториот услов, трошоците за живот и на тој начин наместо да се покачат пензиите, тие почнаа да се намалуваат, на нашето предупредување, на нашите амандмани, на нашето неколку пати повторено поднесување на истото законско решение дека ова не води кон ништо, туку води кон намалување на пензиите, дури имавме и интервенција законска кога се носеше законот за минимална плата, кажавме да, во ред се разбира треба да има минимална плата но во споредба со пензионерите кои се наши родители, луѓе кои го граделе општеството практично приоѓаат дискриминаторски. Ако има минимална плата тогаш мора да има и минимална пензија“, рече Ласовска.

Таа потенцираше за тоа дека сите нивни заложби во Собранието на Република Македонија, дали тоа се законски проекти, амандмани во делот на носење на буџетски решенија, Буџетот како најстратешки документ во државата, сите до еден досега биле одбиени.

„Грабежот и душманското ништење на државата им е најважно. За овие 7 години направија јавен долг од 3 милијарди евра, еве кажете ми во што ги вложија? Во источна Македонија дали вложија во изградба на некој старечки дом? Се сели цела Македонија, младите буквално се прогонети, голем број од нив си одат затоа што не можат да живеат во системот, не заради економска сиромаштија. Кажете ми дали направија некој старечки дом, оставени се нашите родители, баби и дедовци сами да се грижат за своето здравје“, изјави Ласовска.

Ласовска посочи дека пензионерите не се партии, но во власта постои коалициона партија на власта која се нарекува партија на пензионерите и ги злоупотребува пензионерите.

„Да одговорам на господинот Кире, вака иронично звучеше дека пензионерите нели не се партии, точно е тоа, но господине Кире за жал во коалицијата на власт има една партија која се нарекува партија на пензионерите и тоа е колега наш кој злоупотребувајќи го вашиот статус изградил сопствена кариера и гласа за таквите законски решенија кој на вас животот ви го прават онаков каков што ви е. Ова е за потсетување на пензионерите дека во коалицијата на СДС има партија која се нарекува партија на пензионерите и таа во ваше име гласа за законски решенија кој ќе ги сервира власта“, децидна е Ласовска.

Таа додаде дека решението за достоинство на пензионерите е што побргу да дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт каде ќе се донесат законски решенија со кои ќе се врати  достоинството на пензионерите.

„Решението е прво и пред се да ВМРО-ДПМНЕ како една партија која доаѓа од народот како една партија која докажала досега дека ги слуша сите групи во државата, вклучително и пензионерите што е можно побргу да дојде на власт, да донесеме законски решенија кои ќе претставуваат достоинство затоа што знам дека пензионерите во оваа трета доба се борат едноставно за достоинствен живот и тоа може да го остварите само исклучиво преку ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Ласовска.

Ивица Томовски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на дебатата рече дека постојат неколку начини доколку власта сака да ги исполни барањата на пензионерите, а тоа е првенствено да тргне со спречување на високиот степен на корупција, сива економија, како и инфлација.

Постојат неколку начини како владата може да ги задоволи пензионерите. Првенствено треба да спречиме иселувањето на младите, големата корупција, сивата економија, намалениот интерес на владата за решавање на овој проблем и инфлацијата. Мерките кои што владата треба да ги спроведе пред се треба да се вложува во стопанството, односно реалниот сектор и намалување на иселувањето на младите. А тоа може да го направи во три  чекори, краткорочно, среднорочно и долгорочно, рече Томовски.

Според Томовски пензионерите наместо да уживаат во пензионерските денови тие сега се приморани преку протести да си ги бараат своите права.

Краткорочното треба веднаш да ги задоволи потребите на пензионерите, бидејќи тука има мајки, татковци, дедовци, кои што учествувале во градењето на оваа држава и те како истите треба да си ги уживаат своите права во пензионерските денови. Додека во долгорочни и среднорочни треба постојано власта да има комуникација со реалниот сектор и да се предвидуваат мерки за нови вработувања, повисоки плати какви што имаше во минатото, а кои оваа власт ги укина, изјави тој.

Томовски потенцираше дека ако пред 15 години имало 5 вработени лица на еден пензионер, денеска имаме 1,6 вработени лица на еден пензионер.

Има еден лош податок во делот на пензиите, ако пред 15 години имало 5 вработени лица на еден пензионер, денеска имаме 1,6 вработени лица на еден пензионер, нагласи тој и додаде дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е биде 3 спрема 1, бидејќи како што рече на тој начин ние можеме да ги изедначиме минималната плата со минималната пензија во Македонија.

Она кое што ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го направиме во иднина, а е нашата цел и мисија е тоа да биде 3 спрема 1, односно на тој начин ние можеме да ги изедначиме минималната плата со минималната пензија во Македонија.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан