• петок, 22 ноември 2024

Дебата: Дигитализацијата на високобразовните институции повеќе не е прашање на потреба, туку е неопходност за квалитетен образовен процес

Дебата: Дигитализацијата на високобразовните институции повеќе не е прашање на потреба, туку е неопходност за квалитетен образовен процес

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Дигитализацијата на високобразовните институции повеќе не е прашање на потреба, туку е неопходност за квалитетен образовен процес, а универзитетите мора да вложуваат во постојано унапредување на дигитализација на системите и во обука на соодветен кадар. Државата треба целосно да го поддржи овој процес, вклучително и со развој на стратегии со кои ќе ги задржи младите кои се дефицитарни, а истовремено неопходни ИТ кадри во земјава. Ова се дел од заклучоците на дебатата посветена на „Дигитални реформи за современо високо образование – младински перспективи“ во организација на Институтот за напредно политичко лидерство, АЛПИ поддржан од страна на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Своите искуства од процесот на дигитализација на дебатата, како што информирата, ги споделија проректорката за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Проф. д-р Христина Спасевска, деканот на Факултет за современи науки и технологии при ЈИЕ Универзитетот – Тетово, проф. д-р Џемал Зенуни, проректорка за наука при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип роф. д-р Зденка Стојановска. Тие, се согласни дека дигитализацијата бара големи буџети и обука на кадар, но е неминовен процес ако сакаме да одиме напред и во образованието, но и како држава.

Поддршка за брза потреба од дигитализација во интерес на студентите побараа и Александар Трајановски, заменик-градоначалник на град Скопје,  Славчо Темелковски, претседател на Универзитетско студентско Собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Демир Демири, претседател на Студентскиот парламент при ЈИЕ Универзитетот, Сара Денкова, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Гоце Делчев“, како и Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени кои зборуваат за потребите на студентите. 

На настанот беа презентирани и наодите и заклучоците во рамки на Анализа за дигитализација на услугите во високо образование која за потребите на оваа младинска иницијатива ја изготви Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП). 

Иницијативата „Дигитална трансформација во високото образование – младински перспективи“ е спроведена од членовите на првата генерација на АЛПИ – ИРИ: Арта Ќерими, Хилал Беќири, Бојан Никовски, Александар Трајановски, Наум Локоски и Евгенија Јанакиеска.

Оваа иницијатива, како што информираат организаторите, цели да ја подигне свеста за потребата од дигитализација на услугите за студентите на три универзитети во земјата: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Фокус на иницијативата е и размена на искуства помеѓу универзитетите, како и  охрабрување на дијалог за дигиталната трансформација помеѓу ректоратите, студентите и студентските парламенти на таргетираните универзитети. Со оглед на фактот што дигитализацијата на високото образование во нашата земја е на самиот почеток, оваа анализа има за цел да ги собере искуствата од досегашниот процес на имплементација на самата дигитализација, да се детектираат слабостите и добрите страни, како и да се дадат препораки за идни чекори кон воспоставување на целосно ефикасна дигитализација во високото образование. мс/аа/

Фото: Институт ИДУЕП

Остани поврзан