• недела, 19 мај 2024

Дебата во Собранието за родова еднаквост: Неопходно соодветно образование, вработување и економско јакнење на жените

Дебата во Собранието за родова еднаквост: Неопходно соодветно образование, вработување и економско јакнење на жените

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Соодветно образование, вработување и економско јакнење на жените, се чекорите кои треба да ги поминеме како систем за да имаме родова рамноправност. Ова беше истакнато на денешната работна средба на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието со општинските комиси за еднакви можности на мажите и жените.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска истакна дека борбата за родова рамноправност почнува лично од нас. Таа потенцира дека стереотипите се во нашето општество, но не се стереотипите во нашата глава и, како што посочи, кога ќе расчистиме со тоа, ќе имаме доволно храброст да се соочиме со сите предизвици, не само во политиката.

- За родова рамноправност се бориме преку системски пристап, односно од воспитување на децата дека нема машки и женски работи, што исклучително мене ми оди тешко во моето семејство затоа што имам две машки и едно женско дете, но не се откажувам од борбата. Соодветно образование, вработување на жените, економско јакнење на жените затоа што само ако се силни економски жени можат да бидат рамноправни, да не бидат зависни од сопрузите. Тие се чекорите кои треба да ги поминеме како систем за да имаме родова рамноправност, рече Пешевска.

Таа потенцира дека кога мажите би седнале на иста маса со жените и кога би ги слушнале проблемите со кои тие се соочуваат  и кои ги засегаат и нив, жените би добиле поголемо разбирање и поголемо прифаќање на тезите кои ги изнесуваат. 

- Ние сме 50 отсто во популација исти со мажите, исти сме пред Уставот, но кога ќе треба да се добие функција во политика имаме дополнителни прашања за жените дали е доволно квалификувана, дали е доволни квалитетна, многу пати сум се соочила со тоа дека имаш три деца седи дома и биди домаќинка. Нашиот пркос во оваа професија чини време и нерви, но работата е што не треба да се откажеш. Првенствено иницијативата ја имаш во тебе, стереотипите мораш да ги тргнеш најпрвин ти од својата глава оти ти можеш да успееш и покрај милион предизвици и никогаш да не се откажеш и отстапиш, рече Пешевска. 

Таа нагласи дека во однос на зголемувањето на женските права, работат на зголемување на квотите на застапеност во политиката, посочувајќи дека жените не се стигматизирани само од мажите, туку и од самите жени

- Ние не сме стигматизирани само од мажи. Многу пати сме стигматизирани и од жени и таа стигматизација е многу полоша. Ние треба да се соочиме со тоа и треба да имаме храброст до нас да ставаме успешни квалитетни жени. Само ако до тебе имаш успешни жени и тим од квалитетни жени, твојот успех ќе биде поголем, рече таа.

Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратеничките во Собранието, истакна дека социјалното претприемништво претставува многу добра можност за стекнување на економска независност не само на жените, туку воопшто и на останатите маргинализирани групи.

- Клубот на пратенички е важно тело во Собранието, иако е неформално тело, затоа што претставува еден мост, односно лепило помеѓу сите политички партии во Собранието. Основната функција е да направи поврзување на жените од сите политички партии. Во овој период на постоење на Клубот на пратенички донесен е Законот за спречување и заштита од семејно насилство и насилство врз жените, законот за спречување и заштита од дискриминација. Организиравме јавна расправа заедно со Фондот за здравствено осигурување и со Министерство за здравство околу био-потпомогнато оплодување и сме во правец на измена и дополнување на Законот за здравствено осигурување. И најдобрите закони доколку не бидат имплементирани и доколку не се врши надзор на локално ниво и доколку не стигнат до оние целни групи за кои што тие се наменети, тогаш ние не сме направиле успех и не сме постигнале дел од нашите поставени цели и кон тоа треба да се стремиме, рече Ристова. 

Кадрије Мустафа, помошник раководител на секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална работа соопшти дека на локално ниво согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите, формирани се комисии за еднакви можности на жените и мажите во општинските совети и назначени координатори/координаторки за еднакви можности во општинската администрација.

Таа посочи дека Министерството за труд и социјална политика континуирано работи на јакнењето на капацитетите на координаторите и заменик-координаторите за еднакви можности на мажите и жените на државната управа со тоа што организира обуки за родова еднаквост, родово одговорно буџетирање и недискриминација. фф/сп/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан