• понеделник, 23 декември 2024

ДВ: Климатските промени им се закануваат на туристичките дестинации, Медитеранот особено загрозен

ДВ: Климатските промени им се закануваат на туристичките дестинации, Медитеранот особено загрозен
17 јули 2022 Индекс.хр Доколку од прва рака сакате да го доживеете влијанието на климатските промени, треба да отидете на Ес Тренц, една од најубавите плажи на Мајорка. Тамошните масивни бетонски бункери, што некогаш ги изградил тогашниот шпански диктатор Франциско Франко, првично биле скриени меѓу песочните дини. Денес тие градби станаа трн во окото, затоа што порастот на нивото на морето „проголта“ делови од плажата и радикално го измени крајбрежниот пејзаж. Научници пресметале оти сега има 40 метри помалку од плажата Ес Тренц, отколку претходно. Ако глобалното затоплување продолжи, како што се предвидува, уште многу плажи на Мајорка може да исчезнат во морето, пишува Дојче веле. - Сведоци сме на голема загуба на земјиште во медитеранскиот регион, изјави Томас Дворак, кој ја координираше студијата на Федералната агенција за животна средина за ефектите од глобалното затоплување врз туризмот. Рекорден број посетители, сè помалку плажи Ова е навистина загрижувачка ситуација за острови како Мајорка, што се популарни меѓу туристите токму поради своите пространи плажи. Но, засега ништо од тоа не се одразува на бројот на посетители. Баш напротив. Мајорка летово бележи рекорден број посетители. - Засега нема докази дека туристите ги менуваат своите дестинации поради климатски промени. Иако предупредувањата за последиците од климатските промени за туристичката индустрија се во пораст веќе со години, направени се само неколку студии што покажаа конкретни ефекти, тврди Дворак. Според него, многумина Европејци се робови на своите навики. - Некој кој изминатите 20 години бил на одмор во Италија, ќе продолжи да оди таму, појасни тој. Се чини дека на туристите не влијаеле ни природните катастрофи, како уривањето на глечерот на италијанските Доломити на почетокот на јули, кога животот го изгубија 11 лица. - Доколку поплавите или лавините станат честа појава на исти локации, тоа на крај ќе влијае на туризмот во тој регион. Но, досега такво нешто се случувало на различни подрачја, смета Дагмат Лунд - Дурлахер од универзитетот Модул во Виена, која е експерт за туризам. Како што таа додаде, луѓето се свесни за опасноста, но, не ја поврзуваат со одреден регион. - Карибите на пример, се исклучок. Во септември 2019 година, тропската бура Доријан ги погоди Бахамите, предизвикувајќи огромни штети поради што туристичкиот сектор падна на колена, истакна таа. Исклучок стануваат и скијачките центри во оние региони, каде има сè помалку снег. - Тука најдобро се гледа врската меѓу климатските промени и туризмот. Ако на скијачки центар има малку или нема воопшто снег неколку години по ред, љубителите на скијање ќе почнат да се држат подалеку, подвлече Дворак. Време е за прилагодување на туристичката понуда? Плажи кои исчезнуваат, сè почесто невреме, поплави, но и недостиг од снег се само некои од последиците на глобалното затоплување, што сигурно ќе влијае на туристичката индустрија. Сушите и топлотните бранови исто така ќе ги одвратат туристите од посета на погодени региони. Уште во 2008 година Светската туристичка организација предупреди на тоа колку туристичката индустрија е подложна на климатските промени. Шумски пожари, нови заразни болести, губење на биолошката разновидност, чума на медузи поради затоплувањето на океаните - се само некои од аспектите на глобалното затоплување, што во иднина може да претставуваат големи проблеми за популарни туристички дестинации. Затоа, кај постудените региони на север веројатно ќе се зголеми бројот на туристи. - Веројатно уште сега одреден број туристи го избегава Медитеранот за време на летото, поради големите жештини. Иако засега само мал број од нив го избегаваат регионот на јужна Европа, популарните туристички дестинации би требало да почнат да размислуваат за адаптација на климатските промени, нагласи Лунд - Дурлахер. Според неа, порано или подоцна ќе мора нешто да се направи, затоа што туристите ќе почнат да се држат подалеку од тие подрачја. Моментално не постои некој единствен план за адаптација на глобалното затоплување. Секоја туристичка дестинација треба да преземе мерки специфични за регионот. На пример, некои африкански национални паркови се борат со шумски пожари, додека на делови од Грција им се заканува недостиг од вода. На Зилт, популарен германски остров во Северното Море, плажите се еродираат. Сето тоа значи дека решенијата мора да бидат прилагодени на одреден регион. Некои локални жители можеби ќе мора да побараат работа надвор од туристичката индустрија. Во Италија, како што вели Дворак, тоа може едноставно да значи дека туристите повеќе ќе доаѓаат напролет и наесен, наместо за време на спарните летни месеци. бд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан