• понеделник, 23 декември 2024

Двочасовен протест на судската администрација во Гостивар

Двочасовен протест на судската администрација во Гостивар

Гостивар, 15 септември 2023 (МИА) – Педесетина вработени, референти, стручни соработници, технички персонал и административци од Апелациониот и Основниот суд Гостивар со двочасовен протест пред судската зграда искажаа незадоволство од неисполнување на барањата за покачување на платите и додатоците. Меѓу поважните нивни барања се зголемување на минималната плата од 78 проценти и редовно исплаќање на 35 проценти за додатоци на судските службеници.

Претставникот на Независниот синдикат на државна администрација во Гостивар, Игор Симески во обраќањето до јавноста напомена дека незадоволството и револтот произлегуваат од долгогодишни напластени проблеми во судската служба и непокачување на платите и неисплаќање на додатоците на плата кои со закон се предвидени.

- Исто така најавуваме дека доколку во скоро време не се решат нашите барања ќе пристапиме кон порадикални мерки на искажување на нашиот револт. Ние сме служба ксо најниски примања во државната администрација што како за еден од столбовите на државата – независна власт, воопшто не содејствува со работата која ја работиме, рече Симески.

Новоформираната синдикалната организација во Гостивар засега има педесетина членови, но како што нагласија синдикалните претставници, ја имаат поддршката од останатите вработени во двата судови, судии и претседатели. За време на протестот, тврдат дека не ја нарушуваат работата на судовите.

Последното покачување на платите од десет проценти, од овој синдикат го оценија како срамно, бидејќи како рекоа станува збор за нецели две илјади денари зголемување. Одлуката за можен штрајк ќе биде донесена откако ќе се исцрпат сите форми на протест. згм/цр

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан