• понеделник, 23 декември 2024

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на Али Асгари и Алиреза Катами на 14. Филозофски филмски фестивал

Скопје, 14 јуни 2024 (МИА) - Со проекција на филмот „Златната треска“ на Чарли Чаплин, дискусија со професорот Стивен Фридман и прогласување на наградените филмови синоќа во Кинотека заврши 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Фестивалот се одржа под мотото „Неред меѓу редови“ од 7 до 13 јуни во Кинотека, во организација на Филозофското друштво на Македонија, Кинотеката и Филозофскиот факултет при УКИМ.

Жири-комисијата на 14. Филозофски филмски фестивал во состав на Славица Србиновска (компаратистка), Иван Миленковиќ (филозоф) и Јане Спасиќ (режисер) одлучија „Златниот був“ за најдобар долгометражен филм од Официјалната селекција на долгометражни филмови да му припадне на филмот „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами.

- Филмот ја добива наградата поради смелата одлука сите девет вињети да бидат снимени во еден кадар, во кој камерата е вперена кон ‘жртвите’ на системот без воопшто да се појават ликовите на ‘опресорите’ кои се претставници на радикалниот иранскиот систем, сублиминално работи на неколку нивоа. Едното е поистоветување на гледачот со жртвите, поради постојаниот фокус на неа. Втората важна работа што се постигнува со израз на камерата е никогаш не ги запознаваме лицата на ‘опресорите’, единствено нешто кое што го слушаме е строгиот, прекорен глас, кој доаѓа некаде од зад камерата и кој никогаш не го покажува свеото лице. Со ова некако интиутивно кај гледачот го буди чувството на ‘орвелијанска’ присутност на системот, во овој случај радикалниот ислам во Иран, кој се ‘изживува’ врз обичниот човек и неговите основни општествени потреби, истакнува жирито во својата одлука.

Филмот „Прозаични стихови“, покрај оваа награда ја добива и плакетата „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според публиката на 14. Филозофски филмски фестивал.

Во рамки на Официјалната селекција на краткометражни филмови, жири-комисијата одлучи „Златниот був“ за најдобар краткометражен филм да припадне на филмот „Големата експлозија“ на Карлос Сегундо.

- Филмскиот пристап е заснован на исклучително вешта примена на гледната точка на ликот; таа се користи со доследно придржување на приказите на висината соодветна на перспективата на човек со низок раст. Жанрот е хибриден и оперира колку со сериозни и ангажирани прашања, толку вешто кокетира со хумор и постапки на ликот кои покажуваат како тој ја прифаќа, ја живее и има моќ да ја трансформира својата позиција од онаа на потчинет во позиција на човек кој освестено делува преку предизвикување „потрес“ или „голема експлозија“, истакнува жирито во својата одлука.

Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм, награда востановена во чест на професорот Стефан Сидовски – Сидо, жири комисијата го додели на филмот „Монтанеа“ на француската режисерка Шарлот Луј.

Во одлуката за признанието жирито истакнува: „’Монтанеа’ веројатно, би бил филм, кој особено би му се допаднал на Стефан Сидовски - Сидо и чија авторка, Шарлот Луј, би ја сметал за своја филмска соборчничка. Филмот е рефлексија низ визуелни слики и вербални фрагменти за промените на животните етапи осмислени како однос меѓу доаѓањето на светот и во животот, промените низ кои тече животот одразени во фазите детство, младост, зрелост и старост, а доведени во однос и со напуштањето на светот и животот, со смртта. Со слободни визуелни алузии за времето и промените одразени преку човекот кој се раѓа, живее и умира, овој филм ја развива вечната тема за тоа дека настанокот нужно го подразбира и исчезнувањето“.

Режисерката на филмот, покрај плакетата ќе добие и уметничка слика од уметницата Соња Чингарова-Фотева.

Од краткометражни филмови, публиката за најдобар го избра египетскиот „Мојата девојка“ на Кавтар Јунис кој ја добива плакетата „Златен був“ за најдобар краткометржен филм според публиката.

Вечерта ја модерираше главниот координатор на Фестивалот, Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот говор уште еднаш ја потенцираше важноста на овој Фестивал, еден од само неколкуте фестивали во светот посветен на односот меѓу филмот и филозофијата, а повика и на поголема соработка од страна на институциите. Лазаревски напомена дека следната година Фестивалот прославува 15. годишен јубилеј.

Фестивалот финансиски беше поддржан од Агенцијата за филм, а со поддршка и од Амбасадата на Кралството Шпанија и од Гете-институтот Скопје. Фестивалот се одржа и со поддршка на Младинскиот културен центар, Универзитетот „Еуропа прима“, Факултетот за драмски уметности, Музејот на современата уметност, „Култура Бета“, издавачката куќа „Аз-Буки“, уметницата Соња Чингарова-Фотева... мд/ев/

Фото: Филозофски филмски фестивал

Остани поврзан