• недела, 22 декември 2024

Две нови награди за Манчевски, проекции на „Кајмак“ во холандските кина

Две нови награди за Манчевски, проекции на „Кајмак“ во холандските кина

Скопје, 24 ноември 2023 (МИА) - Македонскиот режисер Милчо Манчевски ја освои награди на фестивалите БАНЕФ во Стокхолм, како и на фестивалот Прв кадар во Зворник, БиХ. Неговиот најнов филм „Кајмак“ продолжува со фестивалските прикажувања и кинопремиери низ Европа.

Во образложението за добиената Награда за достигнувања во филмот на фестивалот во Стокхолм, се вели дека „Кајмак“ ги прикажува жените поослободени, похрабри, понезависни, додека сурогат мајките станаа вообичаен феномен“.

-Милчо Манчевски ја добива фестивалската награда за неговите филмски остварувања, за создавање слики кои постојано ги доведуваат во прашање границите на жанровите, со избегнување конвенции, што кинестетички го канонизира како американски режисер во Европа, се вели во образложението.

Манчевски е годинешен лауреат и на фестивалот Прв кадар во Зворник, БиХ, кој му додели Плакета за придонес во развојот и промоцијата на кинематографијата во регионот. Вечерва „Кајмак“ ќе го отвори фестивалот, а пред публиката ќе се претстават главните актери Ана Стојановска и Александар Микиќ.

-Убаво е кога се мешаат различни култури, кога луѓе во други држави ќе се радуваат на македонска уметност, со наши актери, наши филмаџии, на македонски… Во уметноста нема мали и големи земји, има мали и големи дела, изјави режисерот Манчевски.

Истовремено, „Кајмак“ вечер ќе се прикаже и на фестивалот ЕНФФ во Хаг, Холандија, а во разговор со публиката ќе го претстават режисерот Манчевски и продуцентот Јане Ќортошев и копродуцентките Елс Ванде Ворст и Изабела Депевег. Веднаш по фестивалската проекција ќе почне и кино прикажувањето на филмот низ Холандија.

-Огромен интерес владее и за прикажувањето на „Кајмак“ во Лондон, каде картите за проекцијата на 29 ноември за распродадени за многу кратко време. На барање на Македонската амбасада, „Кајмак“ ќе се прикажува во Лондон за студентите и поширокиот академски аудиториум на University College London, а потоа Манчевски ќе има и разговор со публиката, се вели во соопштението до медиумите.

„Кајмак“ следната 2024 година ја стартува во официјална конкуренција за најдобар филм на фестивалот во Буенос Аирес, Аргентина.

Покрај фестивалската турнеја со „Кајмак“, минатиот месец во Толедо, Шпанија Манчевски одржа десетдневен семинар за филмска режија, за класата студенти на Институтот за филм на Шангајскиот универзитет и шпанскиот Универзитет на Кастилја-Ла Манча. Изминатава годинава Манчевски одржа серија мастеркласови на фестивалите низ светот, од Токио, преку Калабрија, Тирана, Торонто и други, кои предизвикаа особено внимание кај стручната јавност и публиката.

„Кајмак“, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија, Црна Гора, САД итн.
„Кајмак“ беше најгледан филм во земјава минатата година.бт/са/

 

Остани поврзан