• вторник, 24 декември 2024

Дванаесет европратеници со писмо до Фон дер Лајен бараат оставка или разрашување на Вархеи

Дванаесет европратеници со писмо до Фон дер Лајен бараат оставка или разрашување на Вархеи

Стразбур, 17 октомври 2023 (МИА) - Група од 12 европратеници од групите на Зелените, Социјалистите и демократите  и Левица преку отворено писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бараат оставка од еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеи.

Во писмото се повикува Вархеи да поднесе „оставка“ или „да биде разрешен“ поради прекорачување на неговиот мандат, со тоа што најави замрзнување на помошта за Палестинците без консултации со владите на ЕУ.

Се наведува дека еврокомесарот Вархеи нема овластување за ова прашање еднострано да одлучува, ниту пак официјално да го објави на своите налози на социјалните мрежи и дека одлуката не е донесена во соодветниот процес.

Се потсетува дека не е првпат Вархеи да ја „преминува границата“ и да оди против интер-институционалните правила.

Во писмото се наведува и дека многу од европратениците уште во февруари побараа негова оставка, откако на пленарната седница на Европскиот парламент тој им кажал дека се „идиоти“.

„Не ги одобруваме навредите што Вархеи ги упатува кон институциите на ЕУ и нивното демократско функционирање. Затоа бараме комесарот да поднесе оставка или да биде разрешен“, се инсистира во писмото.

Отвореното писмо до Урсула фон дер Лајен во текот на денешниот ден ќе биде предадено до Фон дер Лајен, за бриселски портал потврдија од кабинетот на францускиот европратеник Мунир Сатури, кој е еден од потписниците. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан