• недела, 22 декември 2024

Дванаесетгодишно дете обвинето за учество во нередите во Саутпорт

Дванаесетгодишно дете обвинето за учество во нередите во Саутпорт

Лондон, 12 август 2024 (МИА) - Дванаесетгодишно дете стана најмладата личност обвинета за учество во нереди во британскиот град Саутпорт, до кои дојде по убиството на три девојчиња, јави Скај њуз.

Детето е обвинето за учество во насилни нереди во Мерсисајд на 30 јули и треба да се појави на судот за млади во Мерсисајд. Покрај него, обвинети се и Харви Габот (21) и Пол Драјхурст (33), кои треба да се појават на судот во Ливерпул.

До сега, за нередите во Саутпорт и Ливерпул се обвинети вкупно 30 лица. Уште едно дванаесетгодишно дете призна вина по две обвиненија за насилство пред Прекршочниот суд во Манчестер. Тоа е обвинето за напад врз автобус и за предавање на камен на друго момче за време на нередите кои се случиле на 31 јули пред хотелот Holiday Inn, каде што се сместени баратели на азил.

Полицијата го снимила и како на 3 август со ногата крши излог на продавница за електронски цигари и фрла предмет врз полициски комби.

Судијката Џоан Хирст изјави дека случајот е „многу сериозен“. Адвокатката на детето, Наташа МекГар, потенцираше дека на момчето  „многу му е жал“ и дека „апсолутно се срами“ од своето однесување.

До вчера, полицијата во Велика Британија уапси 927 лица, а обвинети се 466. Портпаролот на премиерот Киир Стармер рече дека владата нема да запре додека не ја заврши работата.

„Работата не е завршена додека луѓето не се почувствуваат безбедни во своите заедници“, изјави тој.

Енди Престон, градоначалникот на Мидлсброу, каде исто така имаше насилства, изјави дека „90 проценти од штетата ја предизвикаа млади бели Британци кои барале возбуда и адреналин... без идеолошка мотивација“.

Веќе се изречени строги затворски казни на некои од обвинетите, вклучувајќи и за објави на Фејсбук во кои се повикувало на насилство. Читањето на пресудите често се пренесува на телевизија бидејќи владата смета дека на тој начин ќе ги одврати граѓаните од насилство.

Министерката за правда Шабана Махмуд изјави дека правосудниот систем ќе ги чувствува последиците од неколкуте денови на нереди со месеци и години, со оглед на тоа дека затворите се полни поради пандемијата, а судовите се преоптоварени. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан