• недела, 22 декември 2024

Да не се прави „теологија“ од вакцинирањето, ова прашање не е во надлежност на црквата, туку на медицината, вели Партениј за МИА

Да не се прави „теологија“ од вакцинирањето, ова прашање не е во надлежност на црквата, туку на медицината, вели Партениј за МИА
Скопје, 14 јануари 2021 (МИА) - Сосема е непотребно да се прави некаква си „теологија“ за вакцинирањето, а проблематиката за вакцините не е во надлежност на Црквата, туку е работа на научните медицински институции. Ова во интервју за МИА го порача Епископот Антански, г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител. Вакцинирањето против Ковид-19 е актуелно изминатиот период, земјава е во очекување на првите вакцини, властите најавија и јавна кампања за подигање на свеста за потребата од вакцинирање, но неретко на социјалните медиуми се шират објави со негативна, дури и верско апокалиптична конотација за вакцините против короната. Во разговорот со Партениј не истересираше што ќе им советува нашата Црква на верниците, со оглед на тоа што МПЦ-ОА досега јавно не излезе со став за вакцинирањето, а слушнавме изјави на архијереи од други помесни цркви, кои тоа го одобруваат, но и спротивни мислења. Неодамна и вселенскиот патријарх Вартоломеј јавно кажа дека ќе се вакцинира. - Мислам дека како Црква кон ова прашање треба да се поставиме со расудливост, со пастирска грижа за ближните, а не со радикалност и фанатизам. Пред сѐ, проблематиката со вакцините принадлежи не на Црквата, ами на научните медицински институции и работници, коишто вршат испитувања и изведуваат научни докази за нивната полезност или штетност. Сосема непотребно е да се прави некаква си „теологија“ за вакцинирањето. Проблемот е чисто научнички, а Црквата како заедница на верните отсекогаш ги поттикнувала и развивала позитивните научни сознанија и ги инкорпорирала во своето живеење, нагласува Партениј. Вели за Црквата најважна е соборноста и соборните, синодски одлуки и ставови, а не индивидуалните мислења на одделни архијереи, свештеници и духовници, коишто може да се беспрекорни во својата духовничка дејност, но не и експерти по медицина. - Исто така, се забележува и манипулирање со добри и познати духовници, кои поради недоволно познавање на темата и наговорени од некои квази-зилотски струи, истапуваат со јавно мислење, зборуваат против медицинските пронајдоци, потпаѓајќи под влијание на теориите за заговор, додава тој. Партениј ги споменува благодетите кои човештвото ги имало од медицинската професија, благодарение на која се избавило од многу тешки и страшни страданија. - И медицината е наука во која се пројавува дејството на Божјата благодат и просветление. Така, на пример, и основоположникот на вакцинацијата, кој со своите научни откритија и вакцината против антракс и беснило спасил неизмерен број животи, Луј Пастер, бил длабоко побожен Христијанин. И денес многу доктори и научници, и во странство и кај нас, се добри и посветени верници, дел од Црквата која во себе вклучува членови од сите професии и општествени кругови, коишто не би дозволиле да им се случи некое зло на нивните ближни, вели Партениј. Додава дека за жал понекогаш во Црквата има клирици и верници кои со фанатизам гледаат на работите што се надвор од нивниот домен, а некои, како што вели и „јавно искажуваат злорадост за нечие страдање – што, секако, нема допирна точка со учењето на Христа“. - За некои мерило на нивната вера како да е осудата на другиот, место мерило да бидат делата на аскезата. Затоа, ќе повторам, најважна од сѐ е соборноста и нејзиното почитување. Соборноста е критериум за исправноста на нештата, нагласува Партениј во интервјуто за МИА и додава дека лично за него доколку докторите сметаат дека е потребно и безбедно да се вакцинира, тогаш тоа ќе го стори. ац/сп/

Остани поврзан