• петок, 22 ноември 2024

Грчкиот кошаркар Адетокумбо ќе стапи во брак со неговата долгогодишна партнерка

Грчкиот кошаркар Адетокумбо ќе стапи во брак со неговата долгогодишна партнерка

Атина, 31 август 2024 (МИА) – Грчкиот кошаркар и член на Милвоки Бакс Јанис Адетокумбо викендов ќе стапи во брак со неговата долгогодишна партнерка, Американката Мараја Ридлспригер со која имаат три деца, а на свадбата на Пелопонез, најавено е присуство на ВИП гости, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, во луксузниот ресорт во близина на градот Каламата веќе почнале да пристигнуваат гостите, меѓу кои сопствениците на Бакс, а поканети се соиграчите на Јанис од НБА тимот и од грчката репрезентација, но и американскиот кошаркар Леброн Џејмс, францускиот фудбалер Килијан Мбапе, тенисерката Серена Вилијамс, како и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со неговата сопруга.

Како што објави државната телевизија ЕРТ, вчера за гостите се одржала Бела забава (White Party) со „dress code“ сите да носат бело, за денеска е закажана Нигериска забава (Nigerian Party), со оглед на тоа дека родителите на Јанис се од Нигерија, додека пак свадбата е закажана за утре.

Весникот „Прото тема“ пишува дека нема да има црковна венчавка бидејќи Јанис е православен, а неговата идна сопруга Мараја католик, туку ќе биде хибридна церемонија во која ќе си ветат вечна љубов.

„Greek freak“, како што го нарекуваат 29-годишниот Јанис и 31-годишната Мараја се верија пред неколку години и веќе имаат три деца, две момчиња и едно девојче кои доста често од трибините ги следат настапите на Адетокумбо. ср/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан