• недела, 17 ноември 2024

Грција, Хрватска, Малта, Италија, Португалија, Франција, Кипар и Словенија бараат поголеми ресурси за справување со климатските промени

Грција, Хрватска, Малта, Италија, Португалија, Франција, Кипар и Словенија бараат поголеми ресурси за справување со климатските промени

Атина, 27 октомври 2023 (МИА) – Претседателите на Франција и Кипар и премиерите на Грција, Хрватска, Малта, Италија, Португалија и Словенија, преку писмото упатено до претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, информираат за недоволни финансиски средства и за потребата за зголемување на расположливите ресурси за справување со последиците од климатските промени,  јави дописничката на МИА од Атина.

Во заедничкото писмо што го објавува грчката државна телевизија ЕРТ, лидерите на осумте земји, сите дел од групата МЕД9, пишуваат дека „климатските промени не само што се на нашиот праг, туку веќе станаа дел од нашиот живот, како што нѐ потсетија неодамнешните природни катастрофи во регионот“.

„(Климатските промени) Им се закануваат на нашите земји, на економијата, бизнисите, на граѓаните поединечно и како целина и ја поткопуваат социјалната кохезија, развојот, просперитетот, иднината и нашите животи. Ѝ се закануваат на ЕУ како целина. Стана очигледно дека нашите политики и буџетски ресурси не се доволни за решавање на ова прашање, додека зелената транзиција и адаптацијата на климатските промени се наша главна цел, постои ограничено олеснување на  краток и среден рок“, се наведува во писмото.

Додаваат дека сите ресурси, материјални, човечки, оперативни и финансиски кои им се на располагање „се покажаа како несоодветни“, а штетите се непроценливи.

„Мора да дејствуваме веднаш и колективно. Како општество, како поединечни земји и како Европска Унија – врз основа на двонасочен пристап кој веќе треба да го промовираме во нашите претстојни дискусии. Прво, евидентно е дека расположливите финансиски средства се тотално несоодветни. Фондот за солидарност за 2023 година е исцрпен, заедно со делови од средствата за 2024 година кои би можеле да ги искористиме со исплаќање однапред“, објаснуваат лидерите на осумте земји

Паралелно, истакнуваат дека мора да работат со цел зголемување на расположливите ресурси и зајакнување на средствата и механизмите за справување со последиците од природните катастрофи.ср/сд/

Остани поврзан