• сабота, 29 јуни 2024

Грција го продолжува учеството во европската операција во Црвеното море

Грција го продолжува учеството во европската операција во Црвеното море

Атина, 20 јуни 2024 (МИА) – Фрегатата „Псара“ на грчката воена морнарица отплови за Црвеното море за да учествува во европската операција „Аспидес“ (Штитови) и да ја замени фрегатата „Идра“ што откако ја заврши планираната мисија, се врати во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас придружуван од началникот на Генералштабот на армијата Димитрис Хоупис и началникот на морнарицата Димитриос Елефтериос Катара, ја посети фрегатата „Псара“, кусо пред да отплови за Црвеното море и истакна дека „актуелната ситуација во Црвеното Море налага продолжување на операцијата“, а „Псара“ ќе ја продолжи мисијата на „Идра“ и „ќе ја придружува најголемата трговска флота во светот“.

-Фрегатата „Идра“ успешно ја заврши својата мисија и, исто така, исклучително важно, безбедно се врати назад. Нема да ви ја скријам вистината која веќе ја знаете. Одите во опасна зона. Затоа, посакувам да се вратите безбедно во татковината, исполнувајќи ја вашата должност. Го повторувам она што континуирано, во име на премиерот и Владата, му го објаснив на грчкото општество дека вашата мисија не е „мисија на крстарење“. Тоа е мисија во која секој од вас е изложен на опасност, им порача Дендиас на членовите на екипажот на фрегатата „Псара“.

Од март годинава фрегата „Идра“ учествуваше во европската операција „Аспидес“, што воедно беше и првата грчка фрегата во Црвеното море, а неодамна се врати во Грција. ср/

Фото: Министерство за одбрана на Грција

Остани поврзан