Грбавиот кит, кој беше заглавен кај германскиот брег на Балтичкото Море, почна да плива
- Грбавиот кит, кој три недели беше заглавен во близина на германскиот брег на Балтичкото Море, рано утрово почна самостојно да се оддалечува, потпомогнат од зголемувањето на нивото на водата и засилувањето на ветровите.
Фленсбург, 20 април 2026 (МИА) - Грбавиот кит, кој три недели беше заглавен во близина на германскиот брег на Балтичкото Море, рано утрово почна самостојно да се оддалечува, потпомогнат од зголемувањето на нивото на водата и засилувањето на ветровите.
Машкиот грбав кит, наречен Тими, беше заглавен во заливите на Висмар од 31 март откако претходните недели повеќепати заглавуваше на разни точки на балтичкиот брег. Морскиот цицач моментно го водат спасувачки чамци кон отворено море, пренесе ДПА.
Спасувачите претходно не ја исклучија можноста дека китот, долг околу 12 метри, би можел, конечно, самиот да се ослободи откога вчера наутро покажа „одлични реакции“ и многу енергија.
Во тој случај, спасувачките чамци од германското здружение за спасување животи DLRG беа во подготвеност за да го насочат китот кон Северното Море, а потоа преку него во Атлантикот, изјави адвокатката Констанца фон дер Меден од иницијативата.

Првичниот план беше под китот да се подвлече церада прикачена меѓу пловечки понтони, да се подигне од плитката област и подоцна да се пренесе кон Северното Море.
Властите во североисточниот регион Мекленбург-Западна Померанија ја одобрија оваа последна приватна спасувачка мисија во средата откога неколку обиди на владините спасувачи да го ослободат животното пропаднаа и надежите за неговото преживување почнаа да бледнеат.
Меѓу поддржувачите на најновата иницијатива е и бизнисменот Валтер Гунц, коосновач на „Медија маркт“, популарниот синџир за потрошувачка електроника.
Сагата за ослободување на Тими привлече огромно медиумско внимание во Германија, при што неколку медиуми емитуваа видео во живо 24/7 од локацијата на која се наоѓаше животното. јт/аб/
Фото: ДПА