• понеделник, 23 декември 2024

Гран при за „М“ на Вардан Тозија на фестивалот „Дракула“ во Брашов

Гран при за „М“ на Вардан Тозија на фестивалот „Дракула“ во Брашов

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Филмот „М“ на Вардан Тозија во продукција на „Фокус покус филмс“ ја доби главната награда „Гран при“ за најдобар филм и трофејот „Дракула“, во рамките на 12. издание на Филмскиот фестивал Дракула во Брашов.

Фестивалот се одржа од 30 октомври до 3 ноември, а за наградите одлучуваше жирито во состав на Пол Арион, Валентин Гројтерт и Брандо Де Сика. 

Визуелниот уметник Пол Арион е најнаградуваниот романски професионалец активен во современата кинематографија, тимовите со кои има работено добиле пет Оскари исто толку БАФТА награди, а неговото име се поврзува со продукциите Tenet, Dune, Avengers, Oppenheimer, The Jungle Book, Bohemian Rhapsody, Blade Runner 2049, Mission: Impossible – Fallout или франшизата за Џејмс Бонд. 

Валентин Гројтерт е член е на Европската филмска академија и клубот на продуценти ACE, со повеќе од 20 забележителни продукции во своето CV, како што се „Rocksteady: The Roots of Reggae“ или Рајска војна, снимени на три континенти, во 76 дена. Во 2022 година, тој ја лансираше комедијата „Horror Mad Heidi“.

Брандо Де Сика е добитник на наградата „Sitges of New Visions“ во 2023 година со играниот филм „Mimi – Il Principe delle Tenebre“. Режисер е на бројни наградувани жанровски остварувања, со што ја продолжува семејната филмска традици, започната од неговиот дедо, култниот италијански режисер Виторио Де Сика. 

-Од самиот почеток „М“ воспоставува расположение кое истовремено е воодушевувачко и суптилно вознемирувачко, држејќи ја публиката да се прашува на најдобар можен начин. Креаторите на филмот демонстрираат јасна посветеност на квалитетот, доловувајќи го секој момент со прецизно внимание на деталите што зборува за нивната вистинска љубов кон занаетот. Снимен на локација во Македонија, филмот прекрасно ги прикажува пејзажите на земјата, придонесувајќи со голема автентичност и длабочина. Накратко, „М“ се издвојува како импресивно остварување, кое не само што ги почитува жанровските конвенции, туку ги издигнува со вешти режија, пресврти и визуелни елементи. Тоа е филм кој зборува и за уметноста на раскажувањето и ветува возбудлива иднина за македонската кинематографија. Секако, филм кој вреди да се доживее, велат членовите на жирито во образложението.

Фестивалот Дракула, кој се наоѓа на самиот врв на листата од 50 најважни жанровски фестивали во светот, а оваа година на програмата беа уникатни филмски искуства, премиери, панел-дискусии, „гејминг секција“, концерти и изложби.бт/ев/

ФОТО: „Фокус покус филмс“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан