• петок, 05 декември 2025

Градоначалникот на Кавадарци даде отчет за сработеното во вториот мандат 

Градоначалникот на Кавадарци даде отчет за сработеното во вториот мандат 

Кавадарци, 22 август 2025 (МИА) - Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев денеска  даде отчет за сработеното во вториот мандат.  Тој истакна дека над 100 проценти од ветената програма е реализирана, а дополнително се имплементирани и многу нови проекти,  инспирирани од реални потреби. 

- Со нови паркови, велосипедски и пешачки патеки, еколошки проекти за заштита на водата и воздухот, модернизирано улично осветлување и поширока употреба на обновливи извори на енергија, Кавадарци стана пример како може да се гради зелена и здрава иднина. Со изградени и реконструирани спортски сали, со нов базен и спортски центри, младите добија услови достојни за тренинг, развој и успеси. Со нови градинки, училишни програми и бесплатен оброк за секое дете, инвестиравме во најважното, во нашата иднина, нагласи Јанчев. 

Беше презентирана и книгата, насловена ,,Отчет за четиригодишното работење на локалната самоуправа и Советот на Општина Кавадарци". Таа ќе биде дистрибуирана до жителите на општината. 

Изградба и реконструкција  на системот за улично осветлување во општина Кавадарци, ски центар Михајлово, интервентен центар за привремено згрижување на лица со социјален ризик, изградба на нов парк во склоп на СОЗШУ ,,Ѓорче Петров’’, стационар Шепа -,,Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство’’, изградба на повеќенаменски објект во село Дреново, бесплатен оброк за секое дете од прво до петто одделение во сите основни училишта и многу други реализирани проекти, се дел од отчетот. 

Јанчев подвлече дека континуирано се вложува во урбаните но и руралните средини во општината. Во изминатиот период, додаде тој, над 80 улици се реконструирани или новопробиени, а десетици километри нови водоводни и канализациони мрежи се изградени во градот и селата.

-Кавадарци денес не само што чекори, туку трча во чекор со современите европски стандарди. Овие резултати не се само бројки и извештаи, тие се инвестиција во достоинствен, уреден и сигурен живот за секој наш сограѓанин. Тоа е доказ дека кога визијата ќе се претвори во работа, градот расте, граѓаните добиваат иднина каква што заслужуваат, а Кавадарци станува пример како се гради локална самоуправа во служба на народот, истакна градоначалникот. Тој се заблагодари до сите што имаат дадено придонес во остварувањето на зацртаните цели. свд/сст/


Фото : МИА 

 

Остани поврзан