• петок, 22 ноември 2024

Гофин: Тенисот почна да наликува на фудбал, наскоро ќе има хулигани на трибините

Гофин: Тенисот почна да наликува на фудбал, наскоро ќе има хулигани на трибините


Париз, 29 мај 2024 (МИА) – Белгискиот тенисер Давид Гофин остро ја критикуваше денеска публиката на Ролан Гарос обвинувајќи ги гледачите за „целосно непочитување“.
Гофин вчера победи францускиот тенисер Џовани Перикар со 4:6, 6:4, 6:3, 6:7 (4), 6:3 во 1. коло на парискиот Грен слем по три и пол часа игра, а натпреварот се одигра на теренот број 14 со голема поддршка од навивачите за домашниот играч. По мечот, Гофин ги обвини гледачите за „целосно непочитување“, велејќи дека некои од нив дури го гаѓале со гуми со џвакање.
„Три ипол часа ме навредуваа, сè отиде предалеку, беше целосно непочитување. Навистина е премногу. Тенисот станува фудбал, наскоро ќе има димни бомби, хулигани и тепачки на трибините. Станува смешно. Некои луѓе се таму повеќе за да направат проблеми отколку да создаваат атмосфера“, изјави 33-годишниот белгиски тенисер.
Гофин ги повика организаторите на овогодишниот втор грен - слем да направат нешто.
„Многу луѓе се жалат, многу судии сметаат дека има големо непочитување. Ќе мора да направиме нешто околу тоа. Мислам дека тоа се случува само во Франција. Во Вимблдон нема такво нешто. Или во Австралија. Сè уште е прилично тивко и на УС Опен. Овде е навистина нездрава атмосфера“, рече Белгиецот, кој моментално се наоѓа на 115. место во светот. ег ФОТО; Фејсбук

Остани поврзан