• недела, 05 мај 2024

„Госпоѓа ,министерка“ на Нушиќ во премиерна изведба на уметниците од Охридскиот театар

„Госпоѓа ,министерка“ на Нушиќ во премиерна изведба на уметниците од Охридскиот театар

Охрид, 26 април 2024 (МИА) – Охридскиот Народен театар утревечер на матичната сцена на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ ќе ја изведе претставата „Госпоѓа Министерка” од Бранислав Нушиќ.

Како што посочи режисерот, Благој Мицевски, денеска пред медиумите дека актуелноста на претставата произлегува од актулениот период во општеството, имајќи го предвид изборниот процес.

- Ова е период во кој многу луѓе се надеваат, сакаат да станат нови министри, претседатели и пратеници. Тоа е и една од главните теми со кои се бави овој текст. Во претставата имаме вертикално растегање на личноста, односно како една жена си помислува дека животот може да и се промени од корен преку ноќ со тоа што нејзиниот сопруг ќе стане министер, а следствено на тоа таа госпоѓа министерка. Такви луѓе имаме многу околу нас кои веруваат дека тоа може да им се случи. Тоа се луѓе кои се спремни да направат се да дојдат до таа позиција, но и да останат на истата. Пораката на претставата која и Нушиќ ја пренесува е дека Госпоѓа Министерка не е професија, туку определена функција која некој ја извршува и најдобро би било тоа да го прави за потребите на граѓаните, вели Мицевски.

Улогите во претставата ги толкуваат Биљана Билаловиќ Вељаноска, Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Павел Маслов, Ивица Цонев и Филип Кипровски.

Министерката Живка Поповиќ ја игра актерката Билаловиќ Вељаноска која вели дека станува збор за очајна домаќинка на која и се укажува прилика да стане министерка.

- Со ова се губи секаков контакт со реалноста, таа трка нејзина по власт и надмоќ стануваат толку апсурдни од кои произлегува и комедијата во ова дело. На крај оваа позиција се покажува превисока за нејзе и избиваат такви скандали, поради кои и владата паѓа. Во трката да биде послична со претходните министерки го уништува и својот живот и на најблиската фамилија. Не е злонамерно, туку сето тоа е од болна амбиција, додава актерката.

Актерот Павел Маслов изрази задоволство што може да биде дел од претстава на актулена тема, на безвременски текст, но во видоизменета форма.

- Ние го задржавме развојот на дејствието, меѓутоа имаме еден многу посовремен пристап во сценското дејство, во целата визуелна приказна на претставата што мислам ќе даде еден поразличен печат на оваа наша претстава, рече Маслов.

Предпремиерата на претставата е закажана за вечерва од 20 часот, додека премиерата е утре во истиот термин.

Билетите се во продажба на билетарата на Центарот за култура по цена од 250 денари. aб/нд/

фото/МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан