• понеделник, 25 ноември 2024

Годишна изложба на дела на Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје

Годишна изложба на дела на Родољуб Анастасов во Музеј на град Скопје

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Во Музеј на град Скопје вечерва ќе се отвори Годишната изложба на дела на Родољуб Анастасов од колекцијата на Галерија „Јустина и Родољуб Анастасов”. Изложбата ќе биде поставена во периодот од декември 2023 до декември 2024 година.

На изложбата ќе бидат презентирани 30-ина дела од најзначајните циклуси на авторот Родољуб Анастасов, кои се дел од колекцијата на Галерија „Јустина и Родољуб Анастасов", вредна донациска збирка која брои околу 400 дела кои потекнуваат од различни временски периоди (од 1957 до 2010) и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност.  Годинешната изложба претставува еклектичен избор од неколку циклуси на Анастасов, слики од циклусот на кој му е најдолго посветен – „Човек и простор“, „Човек и време”, „Во потрага по изгубениот простор”, импресивните цртежи од циклуситe „Делување на елементите”, „Промена на обликот”, „Трансфигурирање”, сите изведени во техника туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 – 1960 година, и кои припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија.

Феномените на просторот, универзумот, на вертикално – хоризонталниот контраст, Анастасов ги изнесува со симболичен, психолошки набој што го карактеризира неговото творештво.

Меѓу строгоста на формата и меланхолијата, тој го истражува просторот во и околу човекот, надворешниот – реален и физички и внатрешниот – имагинарен и метафизички. Како контратежа на сцените со раздвижени толпи на луѓе во кои речиси можете да го слушнете уличниот џагор, се насликани тивките, осамени, широки пространства во кои човекот е изолиран и сам како во пустина. Понекогаш авторот се става во улога на тивок и дистанциран набљудувач на светот околу него, свет кој се наоѓа надвор од неговиот прозорец...

Со огромна сугестивност и поетика, Анастасов ја слика драматиката и динамиката на животот, неизвесноста на времето во кое живееме, секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото можат и мораат да бидат подобри...

Родољуб Анастасов е роден во Скопје на 25 февруари 1935 година. Во 1962 година дипломирал на Уметничката академија во Белград. Од 1980 година до пензионирањето бил професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.фф/аа/

Фото: Музеј на град Скопје

Остани поврзан