• недела, 07 јули 2024

Годишен раст на БДП на ЕУ во третиот квартал од 0,1 отсто

Годишен раст на БДП на ЕУ во третиот квартал од 0,1 отсто

Брисел, 1 ноември 2023 (МИА) – Сезонски прилагодениот БДП во третиот квартал од 2023 година бележи раст од 0,1 отсто во споредба со истото ланско тримесечје и во Еврозоната и во цела ЕУ, покажуваат прелиминарните проценки на Европската статистичка агенција – Евростат. 

На квартално ниво, пак, како што јави дописникот на МИА од Брисел, БДП во Еврозоната во периодот јули-септември 2023 година бележи пад од 0,1 отсто и раст за ист толкав процент на ниво на цела ЕУ. 

Во претходното тримесечје, Еврозоната оствари раст на БДП на квартално ниво од 0,2 отсто, додека на ниво на цела ЕУ тој остана непроменет. На годишно ниво, пак, БДП во Еврозоната во вториот квартал имаше раст од 0,5 проценти, а во цела ЕУ од 0,4 отсто. 

Меѓу членките на ЕУ за кои има достапни податоци, најголем раст на БДП во третиот овогодишен квартал во однос на истото ланско тримесечје бележи Португалија од 1,9 проценти, пред Шпанија од 1,8 и Белгија од 1,5 отсто. Од друг страна, најголем пад во истиот период е регистриран во Ирска од 4,7 проценти, по што следуваат Естонија со 2,5 и Австрија и Шведска со по 1,2 отсто намалување. 

Најголем раст на БДП во третиот овогодишен квартал во однос на претходниот бележи Летонија од 0,6 проценти, пред Белгија со 0,5 и Шпанија со раст 0,3 отсто. Најголемо намалување има Ирска од 1,8 проценти, пред Австрија од 0,6 и Чешка од 0,3 отсто. 

Евростат посочува дека овие бројки претставуваат прелиминарни проценки за растот на БДП засновани на нецелосни податоци и ќе бидат предмет на дополнителни ревизии. сп/

Фото: Евростат

 

Тагови

Остани поврзан