• вторник, 17 декември 2024

Глобалниот режим на санкции на ЕУ за кршење на човековите права продолжен за уште една година 

Глобалниот режим на санкции на ЕУ за кршење на човековите права продолжен за уште една година 

Брисел, 2 декември 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за продолжување на глобалниот режим на санкции на ЕУ, со кои се опфатени поединци, субјекти и тела кои подлежат на рестриктивни мерки поради сериозни повреди и злоупотреби на човековите права, за уште една година до 8 декември 2025 година. 

На физичките и правните лица опфатени со режимот на санкции им е замрзнат имотот во ЕУ, а на субјекти од Унијата им се забранува да им ставаат на располагање средства, финансии и економски ресурси. Дополнително, на санкционираните поединци им се забранува патување во ЕУ. 

На листата на санкционирани за кршење на човековите права се наоѓаат 116 поединци од Русија, Кина, Северна Кореја, Авганистан, Либија, Јужен Судан, Мјанмар, Централноафриканската Република, Сирија и Израел, како и 33 правни субјекти, групи и организации од Русија, Кина, Либија, Северна Кореја, Еритреја, Централноафриканската Република, Судан, Иран, Сирија, Мјанмар, Хаити, Израел, Либан и од Појасот Газа. 

Со одлуката за продолжување на режимот на санкции ЕУ ја потврдува својата посветеност на осуда на „кршењата и злоупотребите на човековите права каде и да се појават, користејќи ги сите инструменти, истовремено потврдувајќи дека човековите права се универзални, неделиви, меѓусебно зависни и меѓусебно поврзани“. 

Глобалниот режим на ЕУ на рестриктивни мерки за кршење на човековите права е воспоставен на 7 декември 2020 година и тој и овозможува на ЕУ да санкционира поединци и ентитети, вклучително државни и недржавни актери, одговорни, вклучени или поврзани со сериозни прекршувања и злоупотреби на човековите права ширум светот. сп/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан