• понеделник, 23 декември 2024

Гир: Имавме продуктивна средба со Дамева, членовите на Судскиот совет да ги спроведат препораките на ЕУ

Гир: Имавме продуктивна средба со Дамева, членовите на Судскиот совет да ги спроведат препораките на ЕУ

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) - Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека вчера имал продуктивен состанок со претседателката на Судскиот совет (СС) Весна Дамева и се надева дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките од Oценската мисија на Европската унија.

-После пресудата на Управниот суд со која беше поништена одлуката за разрешување на Дамева, покажав заинтересираност да се сретнам со претседателката на Судскиот совет. Како што знаете, јас не се сретнав со нејзиниот претходник затоа што ние ја искажавме тогаш нашата загриженост за начинот на кој што беше разрешена Дамева, но и за изборот на тогашниот претседател на Судскиот совет. Нашата загриженост беше адресирана од страна на Управниот суд со нивната одлука повторно да се врати Дамева, рече денеска Гир, пред почетокот на Саемот за граѓанско општество, во одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека на средбата со Дамева разговарале за состојбите во Судскиот совет, за препораките кои беа објавени од страна на Оценската мисија на ЕУ минатата година, како и за мерките кои ќе бидат преземени од страна на Судскиот совет.  

-Мислам дека имавме многу продуктивен состанок со претседателката на Судскиот совет и искрено се надевам дека сите членови на Судскиот совет ќе свртат нова страница и ќе се обидат да ги спроведат препораките од страна на Оценската мисија на ЕУ. Зборувавме и за компетенции коишто ги имаат членовите на Судскиот совет, додаде Гир.бт/лв/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан