Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек со порака до Илон Маск: Рацете подалеку од нашата демократија
- - Комбинацијата на огромно богатство, контрола врз информации и мрежи, користење на вештачка интелигенција и непочитување на правилата е фронтален напад врз нашата демократија, додаде Хабек.
Берлин, 3 јануари 2025 (МИА) - Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек го предупреди американскиот милијардер Илон Маск да не се меша во претстојните германски избори и го критикуваше неговото неодамнешно отворено поддржување на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD).
„Рацете подалеку од нашата демократија, господине Маск!“ изјави Хабек за списанието Шпигел, на прашањето дали Маск претставува закана за Германија.
- Комбинацијата на огромно богатство, контрола врз информации и мрежи, користење на вештачка интелигенција и непочитување на правилата е фронтален напад врз нашата демократија, додаде Хабек.
Тој истакна дека Маск, кој се смета за советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, прави сè за да ги спроведе своите интереси.
Маск, познат по своите провокативни објави на неговата социјална мрежа Икс, веќе неколку дена предизвикува немир во германската политика.
За време на викендот, тој ја поддржа АфД со обемна статија објавена во весникот Велт ам Зонтаг пред изборите закажани за 23 февруари.
Хабек ги нарече ставовите изнесени во статијата „ужасни“ и предупреди да не се потценуваат обидите на Маск за влијание врз германската политика.
„Најбогатиот човек во светот, кој поседува една од најмоќните комуникациски платформи, отворено поддржува партија која делумно е крајнодесничарска. Не треба да направиме грешка и да го игнорираме ова, потенцираше Хабек.
Германската БфВ агенција за домашно разузнавање ја следи АфД како сомнителна крајнодесничарска група, а неколку регионални организации на партијата веќе добија таква квалификација. ссм/
фото: архива