• сабота, 23 ноември 2024

Германија предлага нов закон за отпуштање војници екстремисти

Германија предлага нов закон за отпуштање војници екстремисти
Берлин, 3 јуни 2020 (МИА) - Германската Влада се договори околу предлог законот со кој се предвидува побрза постапка за отпуштање на војници кои на каков било начин се вмешани во екстремизам или тешки кривични дела. Според актуелниот закон, лицата кои се најмалку четири години припадници на војската можат да бидат исфрлени дури откако ќе бидат осудени за злосторство или суспендирани поради дисциплинска постапка која се води пред суд. Тоа во пракса значи дека војниците можат уште долги години да останат во безбедносните сили додека не се реши случајот. Новиот закон, предложен од германската министерка за одбрана Анегрет Крамп Каренбауер, предвидува војската да има можност веднаш да го отстрани војникот од службата доколку неговото присуство „сериозно го нарушува редот во војската или репутацијата на Бундесверот“. Германски официјални претставници неодамна изразија загриженост поради фактот дека во војската се наоѓаат неколкумина десничарски екстремисти, вклучувајќи и членови на посебната единица КСК, која поседува оружје, муниција и експлозив. Новиот предлог закон треба допрва да биде усвоен во германскиот Парламент. гт/

Остани поврзан