Герапетритис и Олгин размениле мислења за кипарското прашање
- Волјата на Грција конструктивно да придонесе во координација со Република Кипар, за изнаоѓање сеопфатно, праведно и одржливо решение за кипарското прашање во рамките на соодветните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на средбата со личната претставничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање Марија Анхела Олгин, јави дописничката на МИА од Атина
Атина, 5 јуни 2025 (МИА) – Волјата на Грција конструктивно да придонесе во координација со Република Кипар, за изнаоѓање сеопфатно, праведно и одржливо решение за кипарското прашање во рамките на соодветните резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, истакна шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на средбата со личната претставничка на генералниот секретар на ОН за кипарското прашање Марија Анхела Олгин, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција, целта на денешната средба била да се разменат мислења во пресрет на претстојниот проширен неформален состанок за кипарското прашање што се очекува да се одржи во јули.
- Министерот за надворешни работи ја истакна важноста од одржување на раздвиженоста во кој влезе кипарското прашање и потребата од продолжување на процесот во Обединетите нации со цел спроведување на договореното од неформалниот состанок во проширен состав во Женева. Нагласи дека градењето доверба претставува неопходен услов за одново започнување на разговорите врз основа на договорената рамка под покровителство на ОН, соопштија од грчкото МНР.
Олгин на 2 мај ја презеде должноста, а 20 дена подоцна пристигна на Кипар, каде што одржа средби со кипарскиот претседател Никос Христодулидис и со лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар, а во понеделникот во Истанбул се сретна со шефот на турската дипломатија Хакан Фидан.
На почетокот на турнејата, личната претставничка на генералниот секретар на ОН рече дека намерата е до средбата во јули да постојат конкретни резултати од мерките за градење доверба договорени во март.
Според кипарските медиуми од Атина, Олгин ќе замине на средби во Лондон и Брисел, по што одново ќе се врати на Кипар за да одржи втора рунда средби пред јулскиот неформален состанок на кој ќе учествуваат петте инволвирани страни. ср/ми/
Фото: Министерство за надворешни работи на Грција