• недела, 22 декември 2024

Герапетритис ги информираше грчките партии за претстојниот Висок совет за соработка меѓу Грција и Турција

Герапетритис ги информираше грчките партии за претстојниот Висок совет за соработка меѓу Грција и Турција

Атина, 1 декември 2023 (МИА) – Во пресрет на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Турција што следниот четврток ќе се одржи во Атина, шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис денеска, на одделни средби ги информираше опозициските партии, додека пак утре ќе ја информира претседателката на земјата Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина.

Високиот совет ќе се одржи во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, како и министри од двете Влади. 

Од СИРИЗА, со Герапетритис се сретна партискиот лидер Стефанос Каселакис, кој, како што соопштија од партијата, ја истакнал поддршката за дијалог со Турција врз основа на меѓународното право, со цел намалување на тензиите, градење доверба и соработка на повеќе полиња и повторил дека овој дијалог, „за да им служи на интересите на Грција и мирот во регионот, мора да се промовира врз основа на конкретна стратегија со почеток, средина и крај“.

Објаснил дека треба да се заснова на јасни црвени линии во преговорите што се однесуваат на демилитаризација на островите, суверенитет на земјата и исклучување на каква било дискусија за заедничка експлоатација или одземање на правото за проширување на територијалните води до 12 наутички милји, потоа, да постои јасна перспектива за одредување на континенталниот гребен во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но и да се дефинираат условите под кои ќе се одвиваат прелиминарните разговори.

Од ПАСОК, соопштија дека на средбата на надлежниот за надворешна политика од партијата Димитрис Манѕос со шефот на грчката дипломатија „уште еднаш била согледана потребата од отворен канал за комуникација со Турција, како и од одржување на дијалог со обврзувачка агенда и распоред“ врз основа на заемно почитување на меѓународното право и напуштање на агресивната реторика од Анкара.

На средбата исто така станало збор и за други теми од надворешната политика меѓу кои и за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан.

Герапетритис утре наутро ќе биде примен од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу за и неа да ја информира за Високиот совет на соработка со Турција.ср/

Остани поврзан