Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во официјална посета на армијата на Турција
- Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во официјална посета на армијата на Турција
Скопје, 19 јули 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко
Ѓурчиновски, во рамки на официјалната посета на Вооружените сили (ВС) на Турција, вчера во Анкара остварил средби со својот домаќин, началникот на Генералштабот на ВС на Република Турција, генерал Метин Ѓурак и министерот за одбрана Јашар Ѓулер.
Како што информира Министерството за одбрана, генералот Ѓурчиновски на средбите искажал
благодарност за испратената подршка со еден хеликоптер и два „ер трактори“ од Турција за справување со пожарите во нашата држава.
-Притоа е истакнато дека високото ниво на меѓусебната соработка најдобро се отсликува преку овој облик на заемно пружање помош, кога за тоа ќе се укаже потреба, како што беше случај и при упатената помош од наша страна за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес во Република Турција пред две години. Воедно е разговарано и за понатамошни облици на евентуалнa подршка и помош во оваа и вакви слични ситуации на природни непогоди, се наведува во соопштението.
Генералите Ѓурчиновски и Ѓурак на средбата разговарале и за можностите за понатамошно проширување и интензивирање на билатералната воена соработка која, посочува Министерството - „се состои од изведување заедничка обука и вежби, заедничко учество во мисии и користење на капацитетите на двете армии“.
-Од страна на генералот Ѓурчиновски е истакнато и нашето заедничко учество во мировните операции, пред се во Босна и Херцеговина, а како и претходно во Авганистан нашиот контингент е под покровителство на турскиот контингент, соопшти Министерството за одбрана.
Во рамки на посетата, армиската делегацијата предводена од генералот Ѓурчиновски денеска ја посетила и командата на турските специјални сили и други единици, каде се разгледувале можностите за соработка во обуката и вежбите.
-Република Турција како наш стратешки партнер претставува значаен подржувач и придонесувач во нашите достигнати НАТО стандарди во повеќе полиња, при што посебно е изразена во: обуката, военото образование, заедничко учество во мировни мисии и операции, опремување и друго, информира Министерството за одбрана. хс/цр
Фото: Министерство за одбрана