• петок, 22 ноември 2024

Генералот Митруцикос, нов командант на Бригадата на Југоисточна Европа стационирана во Куманово

Генералот Митруцикос, нов командант на Бригадата на Југоисточна Европа стационирана во Куманово
Скопје, 15 април 2022 (МИА) - Бригадниот генерал Евангелос Митруцикос од грчката армија е новиот командант на Бригадата на Југоисточна Европа, чиј домаќин до 2026 година е Северна Македонија. На свеченото примопредавање на должноста од генералот Аристеидис Илиопулос на генералот Евангелос Митруцикос, денеска присуствуваше заменик министерот за одбрана Башким Хасани, кој порача дека оваа бригада е успех за целиот регион и за Северна Македонија зашто претставува прво учество на припадници на Армијата во мултинационална средина. - Тоа беа нашите први чекори во нашата определба да бидеме дел од меѓународните мировни мисии и да го дадеме својот придонес кон зачувување на стабилноста и безбедноста во регионот и во меѓународната заедница. Со основањето, нашите припадници ја добија можноста да работат во мултинационална средина каде ги калеа клучните вештини и способности кои подоцна ги пренесуваа на своите колеги во мисиите во Ирак, Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан, порача заменик министерот за одбрана. Хасани подвлече дека посветеноста и професионалноста на припадниците на Армијата во оваа Бригада беше првиот чекор во стекнувањето на висока доверба која денес ја имаат сите членки и партнери на НАТО во припадниците на Армијата. Додаде дека Бригадата стана симбол на обединетост и на соработка во нашиот регион и затоа од особена важност е земјите да продолжат заедно да придонесуваат во регионалната стабилност. Заменик министерот му се заблагодари на досегашниот командант на Бригадата, генералот Илиопулос за својот придонес во семејството на СИБРИГ, а на новоназначениот командант, генералот Митруцикос му посака добредојде во Северна Македонија и го увери дека во Министерството за одбрана има сигурен партнер. Новопоставениот командант Митруцикос во своето обраќање истакна дека за него претставува чест да ја води Бригадата на Југоисточна Европа во следниот период и дека посветено ќе работи на исполнување на задачите на СИБРИГ. - Бригадата на Југоисточна Европа е посветена на својот придонес кон регионалната безбедност, стабилноста и развојот на добрососедските односи помеѓу земјите – членки, рече генералот Митруцикос, стои во соопштението од МО. Досегашниот командант, генералот Илиопулос потенцира дека му претставува чест и задоволство што командувал со „мултинационална сила која ги зближува земјите од регионот, промовирајќи мир и стабилност“. Илиопулос се заблагодари за постојаната поддршката и заложба на Владата на Северна Македонија за функционирањето на командата на Бригадата. На примопредавањето на функцијата присуствуваше и претседавачот на процесот СЕДМ, Јордан Божилов, кој го истакна значењето на оваа иницијатива за регионот и пошироко. На свеченоста присутни беа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадори, заменици министри за одбрана, заменици на началници на Генералштаб и воени аташеи на земјите учеснички во Бригадата. Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа Министрите за одбрана на Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СИБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса. Во периодот од 2020-2026 година командата на СИБРИГ е лоцирана во Куманово. цр/дма/

Остани поврзан