• сабота, 23 ноември 2024

Влада Урошевиќ годинашен лауреат на „Златниот венец“, Гевин Бредли добитник на наградата „Мостови на Струга“

Влада Урошевиќ годинашен лауреат на „Златниот венец“, Гевин Бредли добитник на наградата „Мостови на Струга“

Скопје, 21 март 2023 (МИА) - Македонскиот поет Влада Урошевиќ е годинешниот добитник на наградата „Златен венец“ на фестивалот „Струшките вечери на поезијата“. Ирскиот поет Гевин Бредли со неговата стихозбирка „Страв од разделба“, пак, е добитник на „Мостови на Струга“ - меѓународна награда што ја доделува Фестивалот, заедно со УНЕСКО, за најдобра дебитанска поетска книга во светот. 

Добитниците на наградите беа прогласени на денешниот настан организиран од НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Македонскиот ПЕН Центар, Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ што се одржа во просториите на библиотеката, по повод 21 Март - Светскиот ден на поезијата и јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, и тоа во истиот период со свеченото прогласување на лауреатите на СВП во седиштето на УНЕСКО во Париз, во рамки на програмата на меѓународниот симпозиум во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов.

Претседателката на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Елизабета Шелева која го соопшти добитникот на „Златен Венец“, рече дека името на Влада Урошевиќ е синоним за страствен вљубеник во писмото, искрено посветен на заводливата магија на книжевното создавање и наспроти сите искушенија на современието, непоколебливо верен на словото.

Владимир Мартиновски

- Подготвен со леснотија да се испроба и творечки да се покаже во најразновидни жанровски облици и експерименти со речиси рамномерен удел во сите нив, Урошевиќ остана продуктивен и витален. Неговото писмо има свој препознатлив печат и ако случајно не е посочен авторот на овие записи, речиси со сигурност ќе го погодиме неговото име, додаде Шелева.

Според неа, Урошевиќ остана доследен и не само во нашата литература, препознатлив по креативниот спој на фантастиката и надреализмот што ги негува во своите бројни авторски записи, но и во неуморните читателски авантури, проткаени со истражувачко љубопитство и траен афинитет кон овие две сродни области.

Членот во Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Владимир Мартиновски информираше дека наградената поетска книга „Страв од разделба“ е трогателно деби на Гевин Бредли во која поетот го истражува емоционалниот данок кој произлегува од различните видови разделби. Разделба со партнерот, разделба со пријателите, разделба со претходното чувство за себе си или разделба со домот и луѓето кои сме ги оставиле зад нас.

Особено, како што рече, впечатливи се песните кои ја тематизираат самотијата на емиграцијата и немирот на разделбата од Северна Ирска, татковината на поетот.

Гевин Бредли е ирски поет, кој од 2012 година се сели и живее и пишува во Канада, каде што работи како помлад предавач по палеонтологија на Универзитетот на Алберта. Бил објавуван на двете страни на Атлантикот, а неговата поезија била вклучена и во Антеологијата на најдобри британски и ирски поети во интервалот меѓу 2019 и 2021 година.

- Станува збор за една исклучително кохерентна книга, но исклучително богата и слоевита. Овие интимни песни навлегуваат во личните приказни преку плеада личности и места од пристанишни градежници до кучиња, од морски брегови до вулкани и „нежни усни кои брмчат како кошници“. Песните на Гевин Бредли ја прикажуваат трајната љубов на луѓето, трајната љубов за луѓето или јазикот и земјата. Поетската книга „Страв од разделба“ во таа смисла во себе носи една силна порака за надеж, рече Мартиновски.

Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) Христо Петрески во своето обраќање денеска потсети дека ДПМ е најстарата и најрепрезентативната асоцијација на писатели во земјава. Тој потенцираше дека првиот претседател на Друштвото е Блаже Конески, а вториот претседател е токму Ацо Шопов.

- ДПМ е формирана уште во далечната 1947 година, значи цели 76 години. Друштвото на писателите на Македонија е основачот на Струшките вечери на поезијата. Ова не треба никогаш да се заборави. Сите членови на Македонскиот ПЕН Центар се истовремено и членови на ДПМ. Вториот претседател на ДПМ е токму Ацо Шопов. Ние денеска имаме ретка и значајна можност истовремено да се потсетиме на овие датуми, на овие личности, но и убаво совпаѓање е што денеска ќе му одадеме почит и на Ацо Шопов, додаде Петрески.

По прогласувањето на лауреатите на Струшките вечери на поезијата, беа прочитани поетски посланија по повод Светскиот ден на поезијата од претставници на Македонскиот ПЕН центар и Друштвото на писатели на Македонија, а потоа се одржа и поетско читање од истакнати поети-членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и на Друштвото на писатели на Македонија.

Во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, кој се одбележува во текот на целата 2023 година, како Година на Ацо Шопов, учесниците на настанот прочитаа песни од Ацо Шопов. бт/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан