Гаши: Соживотот и дијалогот клучни за стабилноста во регионот
- Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска остварил средба со претседателот на Дијанетот, Х. Сафи Арпагуш, реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, амбасадорот на Турција во нашата земја, Фатих Усулој, како и со претставници на исламските верски заедници од Германија, Австрија и Италија.
Скопје, 1 април 2026 (МИА) - Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска остварил средба со претседателот на Дијанетот, Х. Сафи Арпагуш, реис-ул-улема на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, амбасадорот на Турција во нашата земја, Фатих Усулој, како и со претставници на исламските верски заедници од Германија, Австрија и Италија.

На средбата, како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши го поздравил одржувањето на Самитот на верските лидери на Балканот во Скопје, истакнувајќи дека тоа претставува доказ за заедничката волја за дијалог, меѓусебно разбирање и соработка. Тој ја нагласил важноста на соживотот, како и улогата на верските заедници во неговото унапредување и во јакнењето на толеранцијата меѓу народите во регионот.
Претседателот на Дијанетот, Арпагуш ја истакнал успешната организација на Самитот и значењето на соработката меѓу верските заедници. Тој посочил дека соживотот кој со векови постои во регионот придонесува за зајакнување на мирот, меѓусебната доверба и братството.

Реис-ул-улема на ИВЗ, Шаќир Фетаху се осврнал на значењето на Самитот и на поддршката од институциите во неговата подготовка и реализација, истакнувајќи дека настанот добил и пошироко државно значење.
Амбасадорот на Турција, Усулој нагласил дека пријателските односи и блиската соработка меѓу двете земји ќе продолжат да се развиваат и во иднина. фф/са/
Фото: Собрание