• петок, 02 август 2024

Гаши за случајот на Скопскиот аеродром: Моето обезбедување отишло да ја смири ситуацијата, ако некој ги пречекорил овластувањата треба да одговара

Гаши за случајот на Скопскиот аеродром: Моето обезбедување отишло да ја смири ситуацијата, ако некој ги пречекорил овластувањата треба да одговара

Скопје, 2 август 2024 (МИА) - Јас не сум човекот што може да каже што точно се случувало. Само интервенирав да се смират ситуациите, да не се направи дипломатски инцидент, и мислам дека се заврши како што треба. Ако некој ги пречекорил своите овластувања, секако ќе треба да одговара. Моето обезбедување отишло за да се смири ситуацијата. Мојата заложба секогаш била и ќе биде да смирувам, да зближувам и да работиме заедно за сите граѓани, изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши, на новинарско прашање за синоќешниот случај на Скопскиот аеродром.

Тој по обраќањето денеска пред Собранието по повод државниот празник Илинден - 2 Август, коментирајќи го случајот на аеродромот, потенцираше дека секој кој ги пречекорил овластувањата ќе сноси одговорност, треба да сме објективни и да ги почитуваме зкаоните.

-Знаете, за случајот имаше соопштенија. Јас само  интервенирав во делот да се смират ситуациите да не се направи дипломатски инцидент и мислам дека заврши се’ како што треба. Ако некој ги пречекорил своите овластувања, кој и да е, треба да одговара. Поинаку нема смисла правната држава и праведноста, ако не сме објективни и не ги почитуваме нашите закони, протоколи и се’ што ние го носиме и како закони и како други подзаконски акти и одредби, додаде Гаши.

Прашан со каква цел неговото обезбедување имало потреба да оди на Меѓународниот аеродром и да спречи дипломатски скандал, Гаши одговори дека отишло за да ја смири ситуацијата.

-Јас го кажав тоа, не ме слушнавте. Затоа што моето обезбедување отишло за да се смири ситуацијата и ако некој сака да смири нешто и ако сака некој од тоа да гледа тенденција да направи инцидент тоа е до тие луѓе. Мојата заложба и денеска, и вчера и секогаш била и ќе биде да смирувам, да зближувам и да работиме заедно за сите граѓани, а не да делиме и да правиме инциденти, рече Гаши.

На прашањето дали се слушнал со претседателката на Косово по инцидентот, Гаши одговори дека не се слушнал.

-Денеска е 2 Август, ние зборуваме за Илинден и пак сакате да се држиме до некој инцидент. Кажав се’ што требаше да се каже. Има соопштенија и од мојот кабинет и од МВР, рече Гаши.

Синоќа македонското МВР соопшти дека обезбедувањето на претседателот на Собранието Африм Гаши им се заканувало на вработени во ТАВ кои побарале од претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу да го остави телефонот за да помине на секенер кога поминувала низ гранична контрола на Меѓународниот аеродром Скопје.

Операторот на скопскиот меѓународен аеродром ТАВ Македонија категорично ги отфрли наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка Вјоса Османи при вчерашниот преглед во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје. Во соопштението од компанијата се наведува дека Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија постапи во рамките на своите овластувања и спроведе стандардна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП - салонот, со што, посочуваат, воопшто не беше загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците. 

Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, вечерва преку соопштение демантира каква било вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, за кој што, велат, пренесуваат одредени медиуми. 

Од косовското МНР, пак, изразија загриженост поради вчерашниот инцидент што ѝ се случил на косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром, за кој вели дека почнало да собира информации за случајот. бт/нд/

Фото: принтскрин

Тагови

Остани поврзан