• петок, 02 август 2024

Гаши: Заложбата на Илинденците трае и денес, треба да не обедини патриотизмот и заедничка цел за подобра држава

Гаши: Заложбата на Илинденците трае и денес, треба да не обедини патриотизмот и заедничка цел за подобра држава

Скопје, 2 август 2024 (МИА) - Илинден е семето на визионерството, заедништвото, храброста, потсетник на заедничките вредности околу себе обединување, кои ги славиме и ги празнуваме. Во овие 30 години начивме дека минатото се памети, а се работи за иднината. Нашето единство е нашето најголемо богатство и токму преку ова единство ќе постигнеме величина. Да се издигнеме над состојбите и да најдеме фактори на обединување наместо на разединување, порача денеска претседателот на Собранието Африм Гаши по повод 2 Август, Денот на Републиката - Илинден.

Според Гаши, заложбата на Илинденците, видоизменета, трае и денес. Тоа е, потенцираше, заложба за напредок на државата, благостојба за граѓаните, подобра иднина за поколенијата. Гаши појасни дека идејата која треба да не обедини денес е патриотизмот и заедничката цел за подобра држава.

-Патриотизмот е искрена посветеност кон нашата земја и нашите граѓани. Патриотизмот е влог во државата преку чесна работа, добри одлуки. Илинден не е ограничен, затоа што тој ни припаѓа на сите, поаѓајќи од 1903, преку 1944-та и на сите кои денес вложуваме за европска Македонија. Како мултиетничка, мултикултурна и мултифункционална, нашата држава е уникатен гоблен извезен од сите различности. Тие различности се темелот врз кој се развива и напредува и денес нашата држава. Ова е во духот на вредностите кои беа промовирани и во Крушевската Република, како и во Асномската независна Македонија, рече Гаши во своето обраќање пред Собранието.

Гаши порача дека е потребно да се фокусираме на реформи и напредок во образованието, здравството, судството, дигитализацијата и прашања од чие подобрување зависи и подобрувањето на квалитетот на секојдневието на граѓаните.

-Најуспешниот резултат е членството во НАТО. Имајќи го во вид угледот кој го уживаме како рамноправен член на Алијансата, нашата одговорност кон одбраната во наредниот период ќе расне, осовено во време на конфликти не само во Европса, туку и во други делови од светот. Сите членки на НАТО се подеднакво одговорни за овозможување на буџет за одбраната кој е над 2 проценти од БДП. Вложување во модернизацијата на Армијата, соработка со сојузниците и вложување во враќањето и одржувањето на светскиот мир. Чекори кои нема да бидат едноставни, но, благодарение на одличната подготвеност на нашите сили во одбраната и поддршката која се планира од државата, ваквите чекотир се остварливи, додаде Гаши.

Како што рече, втората траса од нашиот пат - онаа кон Европската Унија, се уште трае.

-И покрај низа предизвици, јас сум убеден дека ние ќе изнајдеме решенија, сила и волја и на тој пат, за да ги надминеме и час поскоро да бидеме членка на ЕУ. Ние мора да се фокусираме на нашите аспирации за иднината. Нашето членство во ЕУ не е само политичка цел, тоа е посветеност на збир на вредности и принципи кои ќе ја унапредат нашата држава. Патот до членство во ЕУ  е пат кон економски просперитет, социјален напредок и посилна демократија. Тоа е патување кое бара посветеност, напорна работа и колективна одговорност, рече Гаши.

Тој напомена дека заедно со пратениците подготвени се на враќање на довербата во правото и правдата како столб на стабилноста и хармонијата во општеството.

-Никој нема право на поинакви или на подобри услови за градење на кариера или стекнување на материјални добра на сметка на другите Ќе работиме на носење закони кои ќе ја заживеат економијата и ќе донесат странски инвестиции во сите градови подеднакво, но и ќе го поттикнат претприемништвото и иновациите кај нашите млади. За младите пособен акцент ќе ставиме на законите во сферата на образованието, затоа што токму квалитетно образование е клучот на долгорочен развој, напредок и светска конкурентност на една држава. Овие цели не може лесно да ги оствариме доколку не држиме чекот со модерната технологија и дигитализаијцта. Неуморно ќе сме посветени на следење на најновите тенденции во Европа и светот, додаде Гаши.

Како што додаде, привилегијата да се живее во просперитетна и стабилна држава не е право кое ни следува само по себе, туку треба сериозно и посветено да се имплементираат реформи во сите сфери на општеството и гранките на државно управување.

-Темел на тие реформи е враќањето на суштинските вредности - семејните вредности, меѓусебо почитување, соживотот. Само со здрави темели може да се изгради здрава и напредна држава. Да чиниме се што чинеа великаните кои ја создадоа државата во која живееме дена, како Методија Андонов Ченто и Неџат Аголи и да оставиме белег на кој што ќе се гордеат нашите предци и пример доследен за поколенијата, појасни Гаши.

Потенцираше дека е време да ја потврдиме нашата посветеност на единство, солидарност и напредок.

-Да работиме рака под рака за да изградиме подобро утре за сите граѓани, додаде претседателот на Собранието. бт/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан