• понеделник, 23 декември 2024

Втората годишна конференција на АмЧам: Усогласување на бизнисите и владата за безбедна дигитална иднина

Втората годишна конференција на АмЧам: Усогласување на бизнисите и владата за безбедна дигитална иднина

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Размената на идеи и практики за ефикасно и безбедно дигитализирање на јавните услуги, со силен акцент на клучните улоги на бизнисот и владата во овој процес, беа во фокусот на втората годишна конференција за дигитализација во организација на Американската стопанска комора во Северна Македонија (АмЧам) која се одржа годинава под наслов „Усогласување  на бизнисите и владата за безбедна дигитална иднина“.

Како што соопштуваат од АмЧам, конференцијата на едно место ги собрала бизнис-секторот, владини претставници и меѓународни експерти со заедничка цел – создавање на дигитална иднина која промовира економски раст и обезбедува дигитална сигурност.

Во своите поздравни обраќања, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Никол Варнс, заменик амбасадор на САД во Северна Македонија и Иван Новаковски, потпретседател на Бордот на директори на АмЧам, ги нагласиле заедничките напори за безбедна и одржлива дигитална трансформација, како клучен предуслов за економски напредок и поголема конкурентност на земјата на глобално ниво.

Главниот говорник на конференцијата Трој Стовал, генерален извршен директор на компанија TEDCO од Мериленд, САД, зборувал на тема: „Управување со иднината: Дигитална трансформација за економски раст”. Гостинот споделил вредни сознанија за тоа како проактивното владеење може да стимулира економски раст, да создаде работни места и да поттикне просперитетно дигитално општество. Притоа, тој го посочил претприемништвото, односно примената на иновациите на пазарот, како основа и двигател на дигиталната трансформација. Во контекст на македонскиот пазар, тој укажал на можностите што ги нуди синергијата на различните сектори, споменувајќи ја комбинацијата на сајбер технологиите со земјоделството како голем потенцијал за државата.

Серијата дискусии започнала со тркалезна маса на која водечки претставници на бизнис заедницата ги изложиле своите приоритети и барања. 

Презентацијата „Трансформативни алатки: Ако е поврзано, тогаш е заштитено“ на Александар Павловиќ од CISCO ја нагласила важноста на сајбер безбедноста во дигиталната трансформација. 

По паузата, Борис Копривникар од Singular Consulting и Филомена Пљаковска Аспровска дискутирале за ефективни регулативни рамки. 

Новите стратегии за сајбер безбедност биле тема на дијалог помеѓу Ева Сњечовска и Маја Блажетиќ од Palo Alto Networks, додека последниот панел „Ниту еден бизнис нема да биде оставен сам“ се фокусирал на поддршката за дигитализација на малите и средни компании. 

Американската стопанска комора во Северна Македонија е бизнис асоцијација на повеќе од 140 членки од најразличен спектар на бизниси, од мали претпријатија и локални компании до големи странски инвеститори.

АмЧам во Северна Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на Соединетите Американски Држави и на мрежата на Американски стопански комори во Европа, организација која претставува 49 Американски стопански комори од 47 земји во Европа и Евроазија. ар/ев/

Фото:АмЧам

Остани поврзан